Ѓоковиќ повторно остана без трофеј

Новак Ѓоковиќ ќе мора да почека уште најмалку една година за да ги комплетира сите трофеи од Мастерс-серијата откако вечерва беше елиминиран во осминафиналето од турнирот во Синсинати, од Шпанецот Томи Робредо со 6-7, 5-7.

Токму овој турнир е единствениот на кој Ѓоковиќ нема триумфирано од сите мастерс-натпреварувања, но иако оптимистички најавуваше дека е подготвен да стигне до трофејот, Србинот се покажа недораснат за такво нешто. Слично како и на претходниот турнир во Торонто, тој одново делуваше индиспонирано, играјќи далеку под своето препознатливо ниво, а искусен ривал како Робредо знаеше како да го казни тоа и да стигне до победата.

На останатите осминафинални мечеви, Вавринка се врати од негатива од еден сет и го совлада Марин Чилиќ, а идентичен триумф од 2-1 забележа и Енди Мареј, против американскиот џин Џон Изнер. Бенето со 2-0 во сетови славеше над Полјакот Јанович, додека Фоњини по тешка битка ја доби пресметката со Лу, триумфирајќи со 3-6, 6-3, 6-3.