Ѓорчев: Влада составуваат граѓаните на избори

Владимир Ѓорчев, пратеник во ВМРО-ДПМНЕ, се обрати пред присутните во кампот на Чуварите на демократијата. Тој во своето обраќање зборуваше за штетите кои ги нанесува опозициската партија со нивното недемократско однесување и потенцираше дека со тоа во голема мера и наштетуваат на Република Македонија на секое клучно поле.

Ѓорчев пред присутните, потенцира дека граѓаните на Македонија се оние кои одлучуваат на кого ќе ја дадат својата доверба и тоа само преку избори.

-Кога имавме избори, гласаше Македонија. Гласавме од најголемите до најмалите населени места. На тие избори, кога гласаа македонските граѓани во тајната на нивното избирачко место, кога тие беа во дилема на кого да ја дадат својата доверба, македонскиот човек гласаше за ВМРО-ДПМНЕ. И тоа некој сака да го оспори, сака да го помножи со нула. Нашиот одговор на тие кои сакаат да ја узурпираат народната волја е дека не може и не може Зоран Заев да ја управува земјата и да ја води Македонија со 10% рејтинг. Тој не може да кажува кој ќе биде премиер, министри, како ќе изгледа собранието во Република Македонија. Граѓаните на Македонија се тие кои кажуваат кој ќе ја води Македонија, кој ја има довербата, истакна Ѓорчев.

Ѓорчев потенцира дека во интерес на граѓаните на Република Македонија е да се реши оваа политичка криза.

-Зборуваме за криза која ја наметна Зоран Заев, ги доведува под прашалник инвестициите во Македонија, ја доведува под прашалник и ја загрозува економијата во Република Македонија, ги загрозува платите и стандардот во Македонија. Зарем требало во некоја фабрика која требало да се отвори илјада семејства или 1.500 семејства кои требало да имаат бенефит од фабриката, дали треба тие да бидат загрозени од ова неодговорно однесување на Зоран Заев?

Како што рече, Македонија е силна затоа што во еден ден на едно место се собраа 90.000 луѓе на најголемиот собир во историјата на Република Македонија.

– Македонија е силна зашто има силна влада која води македонска политика за добробит на сите граѓани на Република Македонија. Македонија е силна зашто има луѓе кои се подготвени да бидат во овие шатори и да кажат: „Не, нема да успее Пуч во Македонија, ние ќе го браниме правото на глас на граѓаните на Република Македонија“. Не може СДСМ со 10% рејтинг да составуваат Влада во Република Македонија. Влада составуваат граѓаните на избори. Тоа е пораката и од чуварите на демократијата, од ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните на Република Македонија, додаде тој.

Пратеникот потенцираше дека доколку се дозволи СДСМ да ни ја срушат изборната волја, утре ќе ја срушат и Република Македонија.

-Стратешка определба на Република Македонија е членство во ЕУ и НАТО. Република Македонија има потпишано договор за стратешко сојузништво со САД. Оваа влада донесе во Македонија германски, италијански, англиски компании. Соработуваме со целиот свет.  Нашиот буџет го полни извозот кој го прават изградените фабрики. Македонија е една од ретките држави која има суфицит со Германија, повеќе извезуваме од што увезуваме. Кога дојдовме во 2006 година Македонија не произведуваше чаши, отворачи за шишиња. Сега Македонија произведува автобуси. Тоа не е мала работа. Во интерес на Македонија е да има што повеќе странски инвестиции, што поголем пласман, извоз и вработени во Република Македонија кои ќе основаат семејства тука и ќе плаќаат даноци, изјави Ѓорчев.

Пратеникот направи и споредба со цел да стане јасно дали во Македонија има демократија или не, истакнувајќи дека СДСМ и Сорос организациите велат дека нема демократија во Македонија, дека ова е режим и нема слобода.

-Да направиме споредба. За комунизмот ни велат дека тоа било време на демократски социјализам, дека тоа било време кога имало слобода.

Внимавајте, тие велат дека имало демократија кога 45 години во Македонија немало избори, кога во Македонија во текот на 12 мандати кога без избори владееја, сите пратеници во социјалистичка Република Македонија, сите 120 пратеници беа од една партија. Сите министри во тогашната влада беа од една партија. Сите градоначалници во социјалистичка Република Македонија беа од една партија, сите советници на ниво на социјалистичка Македонија беа од една партија, комунистичката. Сите директори на јавни државни претпријатија беа од една партија. Во Македонија имаше една телевизија со два канали и два весници.

СДСМ како наследник на комунистичката партија во Македонија ни вели дека тогаш кога сите министри, премиери, одборници и градоначалници беа од една партија и кога 12 години владееја без избори имало демократија, а денес кога има 50 телевизии, 50 весници, 200 интернет портали, кога секоја година има збори немало демократија. Тоа е апсурдот со кој се соочуваме, заклучи тој.

Ѓорчев се заблагодари на Чуварите на демократијата кои со сето свое битие, како што рече тој, се борат за иднината на граѓаните на Република Македонија. Погледнете го видеото со целосното обраќање на Ѓорчев.