АНАЛИЗА: Ѓул против Ердоган

Турскиот претседател Абдула Ѓул го искористи политичкиот и финансиски скандал, што ја потресе Владата во Анкара, за да се огради од премиерот Реџеп Таип Ердоган, до тој степен што се претстави како негов ривал, осум месеци пред претседателските избори .

За шест месеци ова стана класика во турскиот политички живот. Додека Ердоган претрпува тешки удари од своите непријатели, кои ги обвинува дека ја сакаат неговата „глава“ и дека се обидуваат да ја дестабилизираат земјата, Ѓул дава изјави преку кои само повикува на смиреност и единство.

Бурата што на 17 декември беше предизвикана од апсењето на десетици бизнисмени и функционери блиски до власта, не беше исклучок од ова сценарио. Турскиот премиер непрекинато го критикува заговорот што е организирана против него, велејќи дека на овој начин неговите непријатели сакаат да создадат држава во држава, изградена од полицајците и судиите кои стојат во основата на истрагата.

Претседателот пак му се спротивстави на Ердоган. Со тивок глас тој уверуваше дека корупцијата нема да биде и не може да биде задушена.

„Треба да се воздржуваме од позиции и однесувања што можат да и наштетат на нашата демократска и правна држава“, рече Ѓул на први јануари, во екот на масовните чистки во полицијата и судството.

Долго време двајцата политичари беа неразделни. Во 2001-та година, Ѓул и Ердоган ја основаа заедно Партијата на правдата и развојот. Со изборот на Ѓул за висок судија во 2007 година, сепак нивните патишта почнаа постепено да се разидуваат.

Првично незначителни, несогласувањата по прашањата за Европа или уставниот систем излегоа на виделина за време на антивладините протести во јуни .

„Лидерите на земјата треба да вложат повеќе напори за да се слушаат внимателно во различните мислења и грижи“, рече претседателот, додека премиерот ги нарекуваше демонстрантите вандали и ограбувачи.

Иако двајцата досега избегнуваа директна конфронтација, актуелната политичка криза го продлабочи јазот што ги дели, сметаат многу аналитичари .

Претседателот Ѓул е познат како близок на братството на исламскиот проповедник Фетхулах Гулен, кого премиерот го смета за одговорен за судските постапки, што ставија дамка на лица блиски до власта.

„Нивните меѓусебни односи го допреа дното кога Ѓул стави вето за именувањето на седум од десетте министри предложени од Ердоган за време на реконструкцијата во кабинетот, по избивањето на скандалот“, вели професор Јуксел Сезгин од Американскиот универзитет во Сиракуза.

Некои дури сметаат дека тие двајца ќе бидат главните ривали за претседателските избори во август, што за прв пат ќе се одржат преку директно народно гласање.

„Може да се каже дека меѓу двајцата веќе постои директна трка. Новата ситуација се претвори во предност за Ѓул, а претседателот може да извлече вистинска корист, ако проблемите што го загрозуваат Ердоган, се усложнат“, вели Нихат Али Јозчан од приватниот универзитет TOBB во Анкара.

Засега никој од двајцата не ги открил своите намери.

„Сите опции се отворени“, изјави Ѓул минатата недела.

Амбициите на Ердоган сепак веќе не се толкава мистерија, бидејќи тој е принуден од внатрешните правила на партијата да го напушти премиерското место по крајот на третиот мандат во 2015 година.

Но ако некои луѓе од владејачката партија не сакаат да поверуваат дека претседателот ќе има храброст да се соочи со премиерот, други нагласуваат дека умереноста на Ѓул може да ги привлече оние луѓе од претседателската круг, што го сметаат Ердоган како целосно неконтролиран политичар.

„Многу партиски членови не се задоволни од однесувањето на Ердоган од почетокот на скандалот. Ако на крајот повеќето од нив го доживуваат како опасност, тој нема да може да остане член на партијата“,вели западен дипломат.

Општинските избори на 30 март може да ја одиграат улогата на арбитер пред евентуалната „средба“ Ердоган – Ѓул.

„Засега сме во мрак. Истражувањата покажуваат дека резултатите на владејачката партија ќе бидат од 36 до 52 отсто. За време на парламентарните избори во 2011 година партијата доби 50 отсто“, вели Ченгиз Актар, професор по политички науки во приватниот универзитет „Сабанџи“ во Истанбул.

„Она што е сигурно, сепак е дека овие избори ќе се претворат во референдум ’за’ или ’против’ Ердоган“, смета професорот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.