„Кога овците би биле розови” – Крик против рамнодушноста

Во рамките на годинешниот скопски филмски фестивал, во вторникот, во киното Фросина, премиерно беше прикажан филмот „Кога овците би биле розови” во режија на младата белграѓанка Ѓурѓија Радивојевиќ. Исклучително талентирана уметница која зрачи со својот беспрекорен шарм и единствен сензибилитет, проткаен низ една прекрасна бајковита приказна во филмот, доживеана преку детската призма.

Поаѓајќи од принципот дека уметноста сама по себе се доживува како царство на апсолутна слобода, авторката преку нејзината креација, за која вели дека е „детски филм за возрасни“, говори за „бунт против рамнодушноста и сопственото исчезнување, во обид да се зачува детето во секој од нас“.

„Филмот се  занимава со проблемите на „белата чума“ и масовно напуштање на селата во Србија, низ призмата на детската невиност и наивност. Главниот јунак, Марко, е деветгодишно момче, единствено дете во селото кое никогаш не видело друго дете. Неговото детство е еднолично, осамено и целосно насочено кон возраснсите, но тоа се менува кога во неговиот живот ќе влезат Лача, Бибер и Шотка, негови врсници, кои ќе му помогнат да се избори за правата на децата и низ дружбата со нив тој ќе ја запознае вистинската радост. Сакавме да се занимаваме со сериозни теми низ детски очи. Може да се каже дека тоа е детски филм за возрасни. Сакавме селото да биде прикажано бајковито, да не биде класично село како што го доживуваат децата од градот. Нашето село е прекрасно, полно со бои и убаво место за растење “, вели Радивојевиќ.

Филмот е сниман две години, на повеќе локации во околината на Белград. Се работи за продукција на српскиот ФДУ, а е прикажан премиерно на скопскиот фестивал, како добра можност филмот да биде интернационално претставен. Премиерата во Белград е закажана на 28. април.

Радивојевиќ е задоволна од скопската проекција, а коментарите и критиките од посетителите беа и повеќе од воодушевувачки.

При разговорот со оваа млада и надежна режисерка, таа откри дека има сценарио кое би било идеално за снимање во Охрид. За ова остварување, покрај голема желба веќе постои и заинтересираност за соработка, но конкретни планови се’ уште не се прецизирани.

filip

Интересно е тоа што директор на фотографија на овој филм е нејзиното момче, Филип Орландиќ. Млад, но може да се каже прилично искусен професионалец, кој  има многу  што да покаже.

„Поради малиот буџет работевме со фотоапарати, но сепак,  успеавме да ја добиеме сликата која што ја сакаме. Задоволни сме, луѓето тоа го видоа и добивме награда за фотографија во Белград на студентскиот фестивал“, вели Орландиќ, кој досега има работено на десетина проекти, а последен негов филм е  „Момче“, српско –француска копродукција, во режија на Никола Јовановиќ.

Ги сакам паметните дијалози на Џим Џармуш и музиката во неговите фимови

gurga1

Ѓурѓија Радивојевиќ дипломирала глума во 2008 година на Академијата за уметности во Белград, а потоа на филмска и телевизиска режија на ФДУ во Белград во 2013 година. Добитник е на награда „Радош Новаковиќ“, што ја доделува ФДУ за најуспешен студент по режија. Има снимено повеќе кратки играни и докуменатрни филмови, кои се прикажувани и наградувани на домашни и меѓународни филмски фестивали. Дел од нејзините остварувања: „Како живеев само за 1 ден“(2013), „Таксистички“ (2012), „60 евра и 200 гр. кафе (2012), „Фаца“ (2011), „Последна трошка на сонот“ (2011). Сака  режисери кои имаат сосема поинаква естетика од нејзината. Го обожува Џим Џармуш, неговите паметни дијалози и музиката во фимовите. Сепак, смета дека од секој режисер треба да се земе и доживее најдоброто.

 

#5 #6 #7