Гласовен експерт тврди: Егзекуторот на новинарот е Британец

Др. Клер Хардакер, експерт по лингвистика која го преслушувала звукот од видеото на кое Џејмс Фоли беше обезглавен, верува дека убиецот е од Лондон.

Лингвистката повеќепати го слушала говорот на егзекуторот и тврди дека тој дефинитивно има британски акцент.

Зборувајќи за ЛБЦ радио, Хардакер рекла: “Слушајќи го начинот на кој убиецот ги формира зборовите, глаголите, тој дефинитивно е од југот, најверојатно Лондон. Од она што можам да го забележам, судејќи по неговиот говор, дефинитивно кај него постои јужњачки акцент, исто така имаме интересни нагласоци – начинот на кој го кажува зборот “Муслимани” е многу интересен, има нагласено С наместо З, нешто што дополнително укажува на јужен британски акцент.

Борците на ИСИЛ утринава објавија видео во кое беше обезглавен 40-годишниот американски новинар Џејмс Фоли, кој неколку години известуваше за немирите во Сирија, пред да биде киднапиран од непознати напаѓачи во 2012 година.

Пред да биде убиен, Фоли бил приморан да прочита порака во која ги обвинува Соединетите Американски Држави за неговата смрт, а исто така се обраќа и до својот брат, Џон кој е член на воздухопловните сили на САД кои ги нападнаа упориштата и конвоите на ИСИЛ.

Веднаш по неговата егзекуција, терористот за кој се верува дека е Британец, се појавува со уште еден заложник, новинарот Стивен Сотлоф. Тој упатува порака до претседателот на САД, Барак Обама, во која му укажува дека судбината на Сотлоф зависи исклучиво од неговиот следен потег.

dzihadist-britanec-foli-novinar-01