Главниот сведок за убиството на Немцов ја напушти Москва

Украинската манекенка Ана Дурицкаја, која е главен сведок за убиството на рускиот опозициски политичар Борис Немцов, ја напуштила Москва и е на пат кон Киев, изјави портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Јевген Перебјинис.

Тој на Твитер објавил дека Дурицкаја „веќе тргнала за Киев, а украинските дипломати во Москва и помогнале за нејзиното враќање дома“.

Дваесет и три годишната манекенка, која била во друштво на Немцов кога е убиен во петокот во Москва, претходно изјавила дека не го видела убиецот, туку само неговиот автомобил. Таа за телевизијата „Дожд“ истакнала дека не забележала ништо сомнително во моментите пред убиството, а полицијата стигнала на местото на злосторството 10 минути по нејзиниот повик.

Дурицкаја се пожалила дека во Москва ја држат под постојан надѕор и дека и покрај тоа што им ги дала сите информации на истражните органи, руските власти не и дозволуваат да ја напушти Русија „поради лична безбедност“.

Руските власти истражуваат пет можни мотиви за убиството на 55-годишниот Немцов, вклучувајќи ги и заканите кои ги добивал поради својот став за нападот на францускиот сатиричен неделник „Шарли ебдо“, а се разгледуваат и евентуални бизнис и лични причини.