Балкан

Главниот уредник на весникот „Заман“ обвинет за раководење со терористичка група

Главниот уредник на весникот „Заман“ обвинет за раководење со терористичка група

Денеска беше изнесено обвинението против главниот уредник на весникот „Заман“ Екрем Думанли, кој беше уапсен на 14 декември при полициска операција против медиуми и институции блиски до движењето Хизмет на муслиманскиот проповедник Фетхулах Гулен, јави бугарската агенција БТА, пишува МИА.

Екрем Думанли е обвинет за создавање и раководење на вооружена терористичка група, употреба на закани против личности и груби клевети, според член 312/4 од законот за борба против тероризмот.

Думанли беше предаден на правосудните органи, кои се очекува да се изјаснат дали ќе го продолжат неговиот притвор или тој ќе биде ослободен. Заедно со Екрем уште 15 лица беа изнесени пред судот под истите обвиненија.

Според турските власти, причина за операцијата на 14 декември е непријателството меѓу Хизмет и религиозната група Тахшиедџилер. Операцијата е преземена на жалба на лидерот на групата, Мехмет Доган, кој пред неколку години лежел во затвор, бидејќи бил неправедно наклеветен од луѓето на Гулен дека е поврзан со Ал Каеда.

Спорeд Доган, луѓето на Хизмет се служеле со закани, неправедни обвиненија, дури поставиле и бомби, што ги поврзувале со тероризам.

– Според властите се тоа се смета за тероризам, согласно турските закони, и затоа е преземена истрагата, а виновниците ќе го добијат заслуженото – изјави турскиот премиер Ахмет Давутоглу.

Истовремено акцијата на 14 декември предизвика силни реакции во Турција, Европа и САД. Според многумина таа е реванш на Ердоган против некогашниот сојузник Фетулах Гулен и неговите медиуми и институции.

Во 2013 година е отворена истрага за корупција, во рамките на која беа уапсени лица, блиски до турската Влада, вклучително синови на тројца министри. Министрите поднесоа оставки, а Ердоган нареди смена на половина влада. Властите го обвинија Гулен дека ја организирал истрагата и започнаа чистка против „паралелната структура“ во полицијата и судскиот систем.

Според весникот „Хуриет“ таа година се уапсени 42 високи полициски службеници, 460 се привремено отстранети од функција, а 185 се отстранети. Против 1.700 полицајци се покренати обвиненија.