Македонија

Глобален ден за хигиена на рацете

Глобален ден за хигиена на рацете

Под слоганот „Јасно е. Чистите раце, спасуваат животи“ денеска во Скопје во организација на Мултисекторска комисија за следење на антимикробната резистенција при Министерството за здравство, Медицинскиот факултет во Скопје, Институтот за јавно здравје и Центарот за регионални истражувања и соработка “Студиорум” ќе биде одбележан Глобалниот ден за хигиена на рацете.

– Свесни за ефектот на хигиената на рацете и нејзината правилна примена, Република Македонија и оваа година се приклучува во одбележувањето на Светскиот ден за хигиена на рацете, се вели во соопштението од организаторите.

Хигиената на рацете, се посочува, е една од првите постапки која ја учиме уште од мали деца со цел да ги спречиме инфекциите кои се пренесуваат прееку валкани раце.

Голем број инфекции се пренесуваат со директен контакт (човек-на – човек, аеросоли или капки) и контакт со контаминирана храна и животни. Хигиената на рацете е често клучен момент во превенција на овие заболувања како во заедницата, така и во болнички услови.

Контролата на инфекции во 21 век во голема мерка се должи токму на оваа постапка. Со хигиената на рацете се спречуваат голем број инфекции во болниците, особено инфекции со мултирезистентни бактерии. На тој начин се намалува вкупната употреба на антибиотици, се намалува развојот на резистенција на микроорганизмите кон антибиотиците и се запазува нивната ефективност, се наведува во соопштението од Министерството за здрваство.