Глобалното затоплување може да ја зголеми сиромаштијата во светот

Глобалното затоплување може значително да ја зголеми сиромаштијата во светот, намалувајќи ги земјоделските реколти и доведувајќи го во прашање прехранувањето на милиони луѓе, предупреди во својот извештај Светската банка, објави МИА.

– Без брзи и ефикасни дејствија затоплувањето на климата и неговите последици можат да ја зголемат сиромаштијата во повеќе региони во светот, се наведува во документот.

Ако меѓународната заедница не успее да ја постигне целта и да го ограничи глобалното затоплување до два степена Целзиусови во споредба со прединдустриската епоха, ќе настапат суша, горештини и зголемување на киселоста на океаните.

Доколку хипотетички температурите се зголемат за четири степени, екстремните климатски промени, кои досега во најлош случај се појавувале еднаш во период од еден век, би можеле да станат нова климатска норма, посочува Светската банка, додавајќи дека најголем ризик постои за регионите на Латинска Америка, Блискиот исток и Источна Европа.

При вакво „црно“ сценарио реколтите од соја можат да се намалат меѓу 30 и 70 отсто во Бразил, а пченицата да се намали за половина во Централна Америка и Тунис. Блискиот исток и Јужна Америка би можеле да бидат зафатени од од огромни горештини.

– Последиците од климатските промени ќе бидат тешки – реколтите ќе се намалат, водните ресурси ќе имаат пад, нивоата на океаните ќе се зголемат, а животот на милиони луѓе ќе биде загрозен, се потенцира во извештајот на Светската банка.