Globus, Загреб: Заднината на битката за Македонија

Маја Залтевскa/CROPIX

Светските суперсили влегоа во битка за Македонија, а заднината на политичката криза во малата балканска земја е прашањето кој ќе ги контролира гасоводот и пругата, пишува во својата анализа загрепскиот неделникот Globus, во којашто се истакнува дека за Москва Македонија има една од најважните улоги за завладувањето на јужните гасни текови, како што е Турскиот тек, и оти доколку челникот на СДСМ, Зоран Заев кој во текстот е посочен како „американски човек“ дојде на власт сериозно би ги загрозил тие планови, пишуваше пред неколку изданија загрепското списание Globus.

Секој којшто дури и површно ги познава состојбите во Македонија, не е изненаден од постизборната криза којашто ја потресува од последните предвремени парламентарни избори од 11-ти декември, пишува Globus. Поранешната најмала југословенска република е сместена на еден од најважните геостратешки правци меѓу Блискиот исток и Европа, и по својот етнички состав е повеќе од плодна почва за дестабилизација, пишува авторот, според кој џокерот за тоа е албанското малцинство, за кое тој го употребува општоприфатениот став на Западот дека сочинува 30 отсто од вкупното население на Македонија, иако таквата состојба не е потврдена со ниеден валиден попис уште од 1990-те.
Договор во Тирана

„Последните предвремени избори протуркани на мускули од ЕУ и САД резултираа со минимална победа на ВМРО-ДПМНЕ и поранешниот премиер Никола Груевски, додека социјалдемократот Зоран Заев доби две места помалку (51 наспроти 49 мандати). За формирање на владата се клучни албанските партии со кои Груевски досега успеваше да коалицира, но не и овојпат. Албанците му се приклонија на Заев, но се испречи Претседателот Ѓорге Иванов со одбивање на договорот (за влада)“, пишува натаму во текстот на Globus.

Се потсетува дека Иванов беше избран како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и оти не попушта пред притисокот на западните дипломати. „Ѝ даде корпа и на Федерика Могерини, шефицата на ЕУ дипломатијата, а не паѓа и пред пораките од западните дипломати. Накусо кажано, Претседателот тврди дека не може да се формира власт чии постулати се договорени во трета држава – Албанија, под покровителство на албанскиот премиер Еди Рама“, пишува во текстот на хрватскиот весник.

Весникот пишува дека албанските партии во Македонија овој договор со Зоран Заев го донеле од Тирана и оти тој предвидува широка автономија на албанското население, воведува на двојазичност на целиот простор на државата и „во догледно време веројатно федерализација на државата“.

„Конзервативната струја во ВМРО-ДПМНЕ, поранешниот премиер Груевски и претседателот Иванов во тоа гледаат опасност од распад на државата по етничка линија“, се наведува натаму во текстот во кој се наведуваат и двете опции коишто Груевски му ги понуди на Заев – да се откаже од договорот од Тирана со поддршка на пратениците од неговата партија и осигурување на сите права коишто во унитарна држава може да им се понудат на Албанците и втората, којашто во текстот е оценета како понеповолна – нови избори.

Во меѓувреме се кренеа „сé живо“. Груевски, се чини, успеа да ја мобилизира македонската јавност дека Заев поради желбата за власт склучил договор со „црниот ѓавол“ со цел да ја распарчи државата и во догледно време така да се создаде Голема Албанија. Неговите (на Груевски) приврзаници ги истакнаа транспарентите „Не ја даваме Македонија“. Од друга страна и Заев и неговите албански партнери тврдат дека Груевски само не сака да си замине од власт и не ги бира средствата за „заплашување на граѓаните“. Социјалдемократите тврдат дека наводно манипулира со јавноста тврдејќи дека според одредбите од договорот од Тирана, како што го нарекува и авторот на статијата, се менуваат и државното знаме и химната и дека Албанците ќе добијат повеќе отколку што им следува според Уставот.
Фаворит на Западот

„Тоа се лаги, обид да се заигра на подгревање на националните нетрпеливости меѓу Македонците и Албанците, Албанците и Србите, Турците и Албанците, Македонците и Србите. Им пречи нашиот договор со партијата Беса и Алијанса за Албанците“, ги наведува авторот изјавите од неименувани извори од СДСМ.

Во статијата во загрепскиот неделник Зоран Заев се опишува како „фаворит на Брисел и Вашингтон“. Неговата страна ја држи целата западна дипломатија, а особено американскиот амбасадор во Скопје, Џес Л. Бејли кого администрацијата на (актуелниот американски републикански претседател Доналд) Трамп го наследи од администрацијата (на неговиот претходник, демократот Барак) Обама. Обидите Заев да биде инсталиран наместо Груевски траат со години. За тој период Заев постојано е на половина чекор зад Груевски. Со дипломатската поддршка оди и финансирањето на безбројните невладини организации и здруженија, што пред неколку години го потврди и Judicial Watch, познатата фондација којашто се занимава со интегритет и транспарентноста на американската политика, забележува авторот.

Потсетува дека неодамна во написот објавен на својата интернет страница Judicial Watch заклучува дека Американската влада „тивко“ потрошила „силни“ милиони долари на американските даночни обврзници за да ја дестабилизира владата на десниот центар во Скопје. Американскиот амбасадор Џес Л. Бејли, заткулисно користејќи средства од Соросовите организации го финансирал Заев. Станува збор за еклатантно кршење на Виенската конвенција за дипломатските односи, заклучува американскиот весник.

Од 2012 година за таа цел се издвоени најмалку пет милиони американски долари, додека за периодот од 2016 до 2021 година се наменети уште 12,5 милиони долари. Станува збор за финансирање на таканаречената Соросова пешадија, многубројни лево ориентирани здруженија коишто со тие средствата веќе долго време организираат „случување на народ“ на македонските улици. Judicial Watch појаснува дека владата на Груевски иако е една од најконтроверзните во Европа со еден од најниските даноци и јасна и про-лајф политика е „црвената крпа“ за соросовите структури.

Луѓето од Judicial Watch, според авторот очигледно имаат добро известени извори од опкружувањето на Груевски. Затоа Globus заклучува дека процената на американската организација дека владата на ВМРО-ДПМНЕ е трн во окото поради одлуката да ја затвори бегалската рута преку својата територија. Според оваа теорија, којашто е сеприсутна во Европа, а особено во средноисточните земји на Европската унија, целата сила на Соросовите платеници учествуваат во оркестрацијата на миграциите преку Балканот, па македонското решително „НЕ“ е дополнителна причина за дестабилизирањето на владата на ВМРО-ДПМНЕ и активно помагање на на неа спротиставената страна.

Целат на сé уште актуелната влада во Скопје секако е да се елиминира амбасадорот Бејли со дискредитирање во круговите на новата администрација на претседателот Трамп. Доколку е точна процената за подземното делување и поттикнување на опозицијата за дестабилизирање на земјата, тоа секако не е ништо нови, а се случува и во низа земји од источна Европа и на Блискиот исток, од падот на Берлинскиот ѕид до денешен ден, заклучува загрепскиот медиум. Најјасниот пример од хибридната војна со цел да се смени постоечкото и востоличување на поподобно раководство, во прв ред се Украина и Сирија, потсетува.

Европската унија, како и вообичаено ја следи таквата политика. На претседателот Иванов веќе се обидоа да му извршат притисоци највисоките бриселски бирократи како Федерика Могерини, Јоханес Хан, барајќи да ја признае коалицијата на Заев, но засега безуспешно.
Руската визура

Но што е новото во македонските турбуленции, се прашува Globus. Во приказната овојпат на страната на Груевски многу активно се вклучува руската дипломатија, како и руските меѓународни медиуми на англиски јазик. Агенцијата Sputnik, тврди дека станува збор за класична хибридна војна против Македонија, којашто може лесно да прерасне во отворена војна. Според нив, западните сили го користат албанското малцинство за на власт во Скопје да ја донесат поразената опозиција и да ги загрозат темелните уставни принципи Македонија. Наметнуваат решение однадвор, спротивно на волјата на избирачите. И, на крајот, уништување на македонската државност, што може да доведе до нова балканска војна, заклучуваат руските коментатори.

Геостратегијата на рускиот претседател Владимир Путин смета на пријателска влада во Скопје, а тоа секако би била во овој момент владата на Груевски, иако таа е јасно декларирана про-ЕУ и про-НАТО. Македонија за Москва ја има една од најважните улоги во надвладувањето со јужниот гасен правец, ткн Турски тек, кој води до пазарите во ЕУ. Од Турција, преку Грција, Македонија, Србија до Унгарија, е еден од стратешките правци за завладување на стратешките правци за снабдувањето на пазарот на гас во ЕУ. Непријателската, американски инсталирана влада во Скопје, каква што би била онаа на Зоран Заев, која водеше и ваква изборна кампања заедно со своите интернет ботови и албански партнери би ги загрозила плановите и оттаму руската дипломатија изрично е против македонско-албанската коалиција.

Додека Русија ги испраќа пораки во целофан, вели авторот, српските националистички кругови не штедат зборови. Федерика Могерини беше исвиркана во парламентот, а поддршката која на Заев му ја даваат западните кругови ја нарекуваат почетокот на проектот на создавање Голема Албанија. Статусот на Косово е првата фаза, распарчувањето на Македонија е втората, а третата е распарчувањето на Црна Гора. Проектот во целост е војна на ЕУ/НАТО на чело со САД против православниот свет на чело со Русија со последиците од новиот судир на Балканот. Според нив, договорот на Заев и албанските партии предвидува дури Србија и Бугарија да бидат анатемисани поради наводниот геноцид над Албанците во Македонија од 1920-те до 1950-те години.

Од развиениот Запад последните месеци стасуваат пораки кои секако нема да ги разубедат. Сé почесто таканаречените аналитички текстови за неопходноста од потребата за ново префорамтирање во регионот, по примерот на Голема Албанија, Голема Србија и Голема Хрватска. Познатиот американски сенатор Ден Рихрабхер неодамна доли масло на огнот со изјавата дека Македонија е вештака држава, што доведе до остри реакции на официјално Скопје.
Што сакаат Кинезите

Меѓутоа, не се западниот и рускиот блок единствените заинтересирани кој ќе биде на власт во Македонија. Ситуацијата од прикрај внимателно ја следат и кинеската дипломатија и тајните служби. Пекинг во рамките на своите планови за обновување на Патот на свилата веќе со години соработува со владата на Никола Груевски. Македонија е на листата на шеснаесетте европски земји важни за планирање на сообраќајните коридори, а се смета и за полесна преговарачка цел бидејќи не е во ЕУ.

Кина, Македонија (како и Србија) ја поврзува со грчкото пристаниште Пиреја коешто Пекинг го презема и многу брзо доведе до рекордно зголемување на контејнерскиот промет. Во кинескиот план е железничкиот правец од Пиреја, преку Македонија и Србија, до Будимпешта. Не е случајно што кинеските железници веќе со години соработуваат со македонските железници.

Партнери на Кинезите им се Русите. Нивното влијание во православниот свет треба да биде своевиден забрзувач на проектот под влијание на владите во Скопје и во Белград. Пекинг и Москва заеднички сметаат на истиот коридор поради што на власт во Скопје сакат да ја видат пријателската опција на Никола Груевски. Затоа веројатно додека трае кризата ќе имитираат пораки дека на Македонците им нудат мир и просперитет, за разлика од Западот чијашто цел е да се разбие Македонија и да се создаде Голема Албанија, смета авторот.
Поради сите овие високопрофитни интереси во Македонија сé е возможно. Потенцијалниот конфликт лесно би можел а се прошири на половината Балкан и да ги вклучи Албанија, Косово, Србија, Црна Гора, па дури и Грција и Бугарија, И Хрватска, на албанската – НАТО страна, се заклучува во текстот во загрепскиот весник.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.