Го барал или го добил, поткуп си е поткуп

Судијата Дарко Тодоровски во понеделник ќе ја изрече пресудата против премиерот Зоран Заев во случајот „Поткуп“ во кој е обвинет дека како градоначелник на Струмица побарал поткуп за легализација на земјиште од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев.

На завршните зборови од рочиштето обвинителката Валентина Бислимовска  го преквалификуваше делото за кое беше првично обвинет Заев, па тој сега е обвинет за поблага варијанта од кривичното дело поткуп.

Обвинителката и на претходните рочишта предизика потсмев кај новинарите кои го следат процесот поради својата пристрасност и поставување како адвокат на обвинетиот, а не како обвинител.

Таа вчера рече дека од сите изведени докази во главната расправа не произлезе дека Заев прибавил каква било имотна корист, а и Николов потврдил дека не дал пари. Поради неспорниот факт дека парите не се примени обвинителката рече дека треба да се изврши измена на обвинителниот акт.

Според неа, Заев не е обвинет за примање поткуп, туку за  барање поткуп, но во суштина нема разлика во тие две категории.

Кривичниот Законик јасно утврдува дека барањето или примањето награда, директно или индиректно е крвично дело за кое е предвидена затворска казна од најмалку четири години.

Разликата е во тоа што премиерот првично беше обвинет дека барал поткуп за да изврши службено дејствие што не би смеело да го изврши или да не изврши службено дејствие што би морало да го изврши, а сега се товари дека барал поткуп за да изврши службено дејствие што би морало да го изврши, односно да легализира земјиште по службена долшност, а не за 160.000 евра, а кое дејствие ќе се казни со затвор од една до пет години.

На овој начин снимките прибавени со посебни истражни мерки, на кои се гледа Заев како бара пари од Сачевалиев, нема да се сметаат како доказ во постапката при одмерување на пресудата. Независно од снимката, постои изјава на бизнсменот дадена во предистражната постапка, но и во сведочењето пред судот дека Заев му побарал пари за легализација на земјиштето. Друга работа е како судот, или судијата Тодоровски ќе ја оцени неговата изјава, односно дали зборот на Заев има поголема тежина, од тој на бизнисменот.

Но самиот тек на судењето, како и смената на обвинителите, како и однесувањето на судијката Добрила Кацарска, која според првичното обвинение беше дел од судечкиот совет во предметот, повеќе пати заедно со Бислимовска се однесуваа како адвокати на Заев, потенцирајќи дека на него, како градоначелник на Струмица досега никој друг не се пожалил, укажува на олеснителните околности кои сигурно ќе бидат потенцирани при одредување на пресудата.

Според новото обвинение Кацарска веќе нема врска со предметот, бидејќи за ова дело не е предвиден судечки совет, туку процесот го води судија поединец.

Заев, пак, по судењето рече дека веќе го тужел обвинителот Владимир Милошевски и дека предметот„Поткуп“ била местенка за која е го тужи и МВР. Преквалификувањето на делото во „Поткуп“, како што рече Заев, е најмалку што можеше да го направи Обвинителството за да се сочува неговата чест.

Сепак, Законот за кривична постапка јасно утврдува дека посебните истражни мерки биле применети легално, независно од тоа дека сега нема да се користат како доказ.

Според законот, целта и користењето на посебните истражни мерки е кога е веројатно дека ќе се обезбедат податоци и докази неопходни за успешно водење на кривичната постапка, кои на друг начин не можат да се соберат. Посебните истражни мерки може да се определат, кога постојат основи на сомневање за кривични дела за кои е пропишана казна затвор од најмалку четири години, а се подготвуваат, во тек е извршување или се извршени. Од судењето и изказот на Ниолов неспорно е дека тој ја информирал полицијата дека премиерот му побарал поткуп за легализација на земјиштето, по кое биле побарани и потоа одобрени посебни истражни мерки за да се докаже намерата на Заев да побара 160.000 евра од бизнисменот.