„Го изгубив детето“

Чудна смиреност деновиве владее во скопската населба Ѓорче Петров, а посебна тишина е надвисната на улицата „Хераклеја“, пишува Утрински весник. Тоа е истата онаа улица каде што живееше 18-годишниот матурант Ангел Петковски, а кој беше убиен од негов врсник од скопското село Грчец, откако претходно се обиде да му го украде велосипедот. Вчера го посетивме семејниот дом на младиот Ангел, каде пред куќата го сретнавме неговиот татко Сашо Петковски. Нем и скршен од болка седеше на клупата во дворот.

„Сега не сум во состојба да кажам што било. Се’ уште сум со лекарства. Кога ќе можам, ќе зборувам“, рече кусо Сашо Петковски и повторно се упати кон клупата на којашто седеше.

„Тоа е тоа… Го изгубив детето“, рече Петковски и во истиот миг до нас се приближи еден од соседите. Човекот беше крајно резигниран и полн со критики на сметка на новинарите и медиумите.

„Видов дека сте новинари и затоа појдов по вас. Знаете ли вие дека Саше, од денот кога го убија Ангел, ниту гледа телевизија, ниту чита весници. Срамно е она што се кажува. Се отиде до таму да се каже дека Саше со безбол палка го тепал убиецот. Тоа не е вистина! Каде е таа безбол палка. Ја нема! Исто како што го снема ножот со кој беше убиен Ангел. Саше само се обидувал да си го спаси детето“, вели револтирано соседот.

Од господинот Петковски најљубезно бевме замолени да не го фотографираме, ниту него, ниту неговиот дом и двор. А, токму во тој двор, пред нецели три недели Насер Е. (19) од Грчец, влегол со намера да го украде велосипедот на Ангел. Паркиран во дворот е и возилото „пежо“, со кое Сашо и неговиот Ангел го гонеле Насер по неговиот обид да им го украде велосипедот. Од домот на семејството Петковски до пешачкиот мост на Вардар има растојание од три-четиристотини метри.

Несреќата на скопското семејство Петковски се случи на насипот крај Вардар, поточно кај мостот кој ги спојува „Европската очна болница“ и Спортско-рекреативниот центар „Сарај“.

Од она што може да се констатира на самото место, тешко е да се очекува камерите на „Очната болница“ да прикажат повеќе од миговите кога таткото го носи својот син на раце и бара помош од лекарите.

Соседите велат дека само неколку дена пред овој настан, од двор во соседството биле украдени два велосипеда и еден чифт фармерки. Тие велат дека целиот тој крај е под постојан терор на соседите од другата страна на Вардар. Се спомена некаква бројка од 750 кражби кои се’ уште не се расветлени.

„Го познавав детето. Го носеше името на својот дедо,“ вели еден постар жител на населбата, во која се’ уште се живее како и пред 19 мај, денот кога беше убиен матурантот Петковски.

извор: Утрински весник