Го уапсиле за кражба на автомобил, па по два дена украл друг

starting the car

Полицијата уапсила познат скопски деликвент осомничен дека украл три автомобили на свои сограѓани, информираше МВР.

СВР Скопје до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против Н.К. (35) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени три кривични дела одземање моторно возило, со што тој се стекнал со противправна имотна корист од околу 580.000 денари.

Пријавениот, првото кривично дело го извршил на 16 април во периодот од 12 до 19.30 часот на паркинг просторот пред Царинска управа на Република Македонија, на улица Лазар Личеноски во Скопје. Тој влегол во незаклучено моторно возило „фолксваген поло“, ги пронашол клучевите, го стартувал возилото и заминал во непознат правец. Одземеното возило било пронајдено четири дена подоцна од страна на полициски службеници и било вратено на оштетениот.

Втората кражба Н.К. го извршил на 20 април околу 1.30 часот на булеварот Партизански Одреди. Тој го искористил невниманието на оштетениот, кој застанал со патничко возило „мерцедес“ пред аптека и го оставил возилото со клуч во бравата и влегол во аптеката. Крадецот веднаш влегол во возилото, го стартувал и заминал во непознат правец.

Истиот ден, од страна на полициски службеници, возилото било лоцирано на улица Јужен Булевар, каде било оставено од пријавениот без регистарски ознаки. За кратко време Н.К. се вратил да го земе возилото по што бил лишен од слобода и однесен во просториите на Полициската станица Центар. Со него бил извршен разговор во којшто го признал делото.

То бил пуштен да си оди, па два дена подоцна, односно на 22 април околу 23 часот на улица Филип Втори Македонски го искористил невниманието на оштетениот кој застанал со автомобилот „фолксваген голф“ пред аптека, оставајќи го возилото со контакт клуч во бравата. Крадецот веднаш влегол во возилото, го стартувал со клучот и заминал во непознат правец. Наредниот ден околу 3 часот, од страна на полициски службеници, пријавениот бил затекнат како го управува одземеното возило, по што бил лишен од слобода и бил приведен во Полициската станица Центар.

Инаку, Н.К. е познат сторител на имотни деликти за што, во периодот 1997 до 2014 година, му биле поднесени вкупно 166 кривични пријави по однос на овој вид криминал.