Годината ќе почне со нов инвестициски бран – неколку странски компании влегуваат во Македонија

Освен со странски, слободните економски зони почнуваат да се полнат и со домашни инвеститори. Компанијата „Хајтек“ е првиот македонски инвеститор во Бунарџик. Во својот деловен план има зацртано да вложи 20 милиони евра и да отвори 300 работни места. Новата инвестиција за производство на разни делови, чипови, микропроцесори, отпорници, кондензатори и транзистори ќе придонесе за уште поголем извоз од слободните зони, кој годинава досигна 1,5 милијарда евра.

Ќе овозможиме поголем извоз, нови вработувања, пласман на македонски технички кадар на европскиот пазар“ – вели инвеститорот Саво Станковиќ.

Наскоро уште една македонска компанија ќе инвестира во Бунарџик, во план е да креира 200 работни места. Нашите фирми во зоните влегуваат под исти услови како и странските.

Потврдивме дека македонските компании можат да влезат во зоните. „Хајтек“ е првата компанија која го прави овој чекор, важно е да го задржи процесот на производство, прототипно производство од постоечката фабрика во Орешани, а она што ќе значи проширување на дејноста ќе значи поголем извоз на софистицирани производи“  – вели првиот човек на слободните зони, Виктор Мизо.

Нова можност за соработка со странците

Влезот на македонските компании во слободните зони ќе ја засили конкуренцијата, ќе се отворат нови работни места, но и ќе се отвори вратата за уште поголема соработка со странците и за нови партнерства, кои можат да донесат бенефит и за двете страни.

Странските компании го направија чекорот во изминатите годинини, нашите компании чекаа и го бараа тоа. Сега се постигнува конкурентско изедначување на условите, што е поврзано со можноста за нови вработувања и за остварување профит. Мислам дека во наредниот период ќе бидеме сведоци и на „joint venture“ активности во зоните.  Ова е позитивно за македонската економија, бидејќи ќе придонесе за дополнителни вработувања, зголемена потрошувачка, повисоки плати, забрзан раст, оценува универзитетскиот професор Сашо Кожухаров.

Според последните податоци, повеќе од 500 домашни компании на еден или на друг начин соработуваат со странските инвеститори, што им отвори повеќе работи и обезбеди зголемени приходи и заработувачка.

Регулативата се менува за нови работни места

Во Македонија се менува и законската регулатива, со цел создвање подобра бизнис – клима и отворање нови работни места. Сега, во рамки на слободните економски зони ќе се формираат ИТ зони и за нив ќе важат посебни правила.

Веќе има интерес за ИТ зоните и подготвуваме чекори и проекти за развој на овие зони. Досега кај нас се развиени ТИРЗ-овите, каде што се градат фабрики. Овозможивме формирање на туристички зони, законскиот дел е завршен, и сега се работи на привлекување на некој што би изградил хотели и хотелски комплекси  во овие зони. Сега ја носиме законската регулатива за слободните здравствени зони и за ИТ зоните, открива премиерот Груевски.

Новите проекти треба да резултураат со привлекување нови инвестиции од различни профили и дополнително да ја спуштат стапката на невработеност во земјава.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.