Годинава ќе биде потрошено повеќе енергија од 2017-та

Македонија годинава ќе потроши за 2,7 отсто повеќе финална енергија од претходнаа, предвидува Енергетскиот биланс за 2018 година, а притоа најголемо учество во потрошената енергија ќе имаат нафтените продукти со 51,5 отсто, по што ќе следи електричната енергија со 28, биомасата со 10,5 и јаглените со 5,3 отсто.

Како што беше истакнато на седницата на Македонската енергетска асоцијација (МЕА) на која се разгледуваше Енергетскиот биланс, 39 отсто од вкупната потрошувачка на финална енергија ќе ја апсорбира сообраќајот, 27 отсто индустријата, 26 отсто домаќинствата, пет отсто комерцијалниот и услужниот сектор, еден отсто земјоделството, … Производството на електрична енергија се предвидува да изнесува 5.766 гигават часови или за три отсто повеќе од 2017 година.

Енергетски биланс МЕА

Предвидените потреби од енергија за 2018 година се за два отсто пониски во однос на 2017 година. Споредено со 2017 година, најголем раст се забележува кај природниот гас од 14 отсто, како резултат на најавите за зголемено производство од „ТЕ-ТО“. Во 2018 година се предвидува нафтените продукти да учествуваат со 39 отсто во потрошувачката, јаглените со 31 отсто, биомасата со осум, природниот гас со девет, хидро енергијата со четири, а ветерната, геотермалната, биогасот и соларната енергија со нешто над нула отсто. Нето увозот на електрична енергија, пак, ќе учествува со осум отсто.

За 2018 година се педвидува да бидат потрошени 292,9 илјади нормални метри кубни гас од кои 244 илјади за производство на електрична и топлинска енергија. За финална потрошувачка се предвидени 47,4 илјади нормални метри кубни гас, од кои 39,9 илјади за индустријата, 7.084 за комерцијалниот и услужниот сектор, 190.000 за сообраќајот и 202.000 за домаќинствата.

Во 2018 година се прогнозира речиси иста потрошувачка на нафтени продукти како и во 2016 година. Потребите на јаглен се оценуваат на вкупно 5.486,5 килотони од кои само 76 килотони ќе бидат увезен висококалоричен лигнит и 22,1 килотон кокс, а останатите нискокалоричен домашен лигнит. Најголем дел од јагленот ќе се употреби за производство на електрична енергија.

Вкупните потреби од биомаса се предвидува да бидат 1.153,7 илјади метри кубни огревно дрво, 46,6 килотони дрвени отпадоци, брикети и пелети и 30,6 илјади метри кубни дрво од овошни насади или друг вид на растителни отпадоци. Од вкупните количини на огревно дрво 1.104,3 илјади метри кубни се предвидуваат да се потрошат во домаќинствата.

Во 2018 година предвидено е производство на 2.026 тераџули топлинска енергија што е пониско од потрошувачката во 2017 година. Од овие потреби, 1.428 тераџули се предвидени за домаќинствата, 469 за комерцијалниот и услужниот сектор, 129 за индустријата, а 315 тераџули се загуби.

Енергетскиот биланс е индикативен плански документ во кој се прикажуваат потребите од вкупните количества на енергија и од одделни видови енергија во земјата и можностите за нивно обезбедување со производство од домашните капацитети и од увоз.