Годинава пријавени околу 700 случаи на семејно насилство

Жените во Македонија доживуваат повеќе насилство од мажите, а психолошкото доминира над физичкото. Од почетокот на годинава до септември се регистрирани 694 случаи, од кои во 72,9 проценти на насилство биле изложени жени, 13,9 проценти мажи и 13,1 проценти деца. Во случаите на семејно насилство забележани се и две убиства и две киднаприрања, пишува МИА.
Податоците на Министерството за труд и социјална политика покажуваат дека споредбено со истиот период минатата година бројот на случаи на семејно насилство е зголемен за 10,3 проценти.
Според податоци на МВР, пак, за 16,1 отсто е зголемен бројот на кривични дела за семејно насилство во првото полугодие од годината во однос на истиот период лани и регистрирани се 389 кривични дела сторени при семејно насилство, за разлика од лани кога биле регистрирани 335 кривични дела.
Бројот на поднесените поплаки во полицијата, пак, е незначително зголемен за 3,4 отсто. Најголем број од поплаките се поради психичко малтретирање на жртвата – 1.641, потоа 388 се поради физичко малтретирање и 91 поплака е поднесена поради тоа што сторителот ја малтретирал жртвата од економски побуди.
Од извршените 389 кривични дела, најголем број или 67 отсто се телесни повреди и 30 отсто се загрозување на сигурноста. Има и две убиства и две противправни лишувања од слобода, и по четири тешки телесни повреди и четири присилби.
Сторителите при извршување на кривичните дела во 95 случаи биле под дејство на алкохол, при извршување на три кривични дела сторителите користеле наркотична дрога, додека 167 дела ги сториле во состојба на психичко растројство.
Истражувањата направени во периодот меѓу 2009 – 2012 година говорат дека жените во огромен процент се побројни жртви на физичкото насилство споредбено со мажите, како и фактот дека мажите се јавуваат доминантно или целосно како извршители на психолошко, физичко или сексуално насилство.
Најчести сторители на кривични дела, во 93 проценти од случаите се јавуваат лица од машки пол и тоа најчесто сопрузи и синови.
Сите институции и граѓански организации кои се занимаваат со ова прашање, се согласни дека семејното насилство не е приватен, туку проблем од општествени размери. Зголемениот број, се согласуваат, е резултат на зголемената свест на жртвите и нивното охрабрување да го пријават случајот.
Во насока на зајакната борба против семејното насилство донесен е системски Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, кој ќе стапи на сила од 1 јануари идната година. Законот предвидува привремените мерки за заштита од семејното насилство да ги изрекува Основен суд по предлог на Центарот за социјална работа, а предвидена е парична казна од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност за непочитување на одлуката од страна на насилникот.
Како новина е предвидено судот да може да изрече привремена мерка за заштита врз основа на стручен наод и мислење на Центарот за социјална работа, како и врз основа на полицискиот извештај и предлогот за отстранување од домот и забрана за приближување во период од најмалку 14 дена. Изречената одлука за привремената мерка за заштита судот во рок од 6 часа од одржаното рочиште треба да ја достави до органот за прогон, кој во рок од 12 часа по приемот ја доставува до сторителот на семејното насилство. Доколку тој доброволно не го напушти домот во рок од два часа, полициските службеници ќе го отстранат.