Годинава во Скопје ќе се гради плоштад на ВМРО и на Мајка Тереза

ФОТО: Утрински

Градските власти не се откажуваат од намерата тие, наместо Општина Центар, да го уредат просторот меѓу седиштето на владеачката партија и ТЦ „Плаза“. Освен плоштад на ВМРО, годинава Градот планира да изгради и плоштад кој ќе го носи името на Мајка Тереза. Тој ќе се наоѓа на другата страна на Вардар, на просторот меѓу МОБ, Филхармонија и неколку новоизградени објекти како оној на АЕК и МНР. Плановите за изградба веќе се ставени и на хартија. Неделава, градскиот Совет ќе треба да ја донесе одлуката за реализација на проектите. Таа, всушност, е предвидено да се вметне во Програмата за реконструкција и доградба на објекти во централното градско подрачје., пишува „Утрински“.

„Измена и дополнување на Програмата за реконструкција и доградба на објекти во централното градско подрачје е потребна поради фактичката состојба на објектите на плоштад ’ВМРО‘ и плоштад ’Мајка Тереза‘. Поради нивната состојба има потреба од реконструкција и доградба на објектите. Објектите се со оштетени фасади, а кај некои од нив е потребна и санација на конструктивниот систем“, се вели во образложението за изградба на двата плоштада.

Детали за изгледот на плоштадите, за тоа колку приближно ќе чини нивната изградба и слично, не се наведени, додава весникот. Единствено стои дека средствата ќе бидат обезбедени од градскиот буџет и од капиталните трансфери од Министерство за култура.

Неофицијално, плоштадот „ВМРО“ ќе се простира на 681 квадратен метар и на него ќе има фонтана со други придружни споменични обележја. Наскоро се очекува Градот да најде и фирма што ќе го изведе замисленото на терен.

Во меѓувреме, од Општина Центар не презедоа ништо да го запрат овој проект. Градоначалникот Андреј Жерновски во неколку наврати најавуваше дека нема да дозволи уредување на овој простор од страна на Градот, бидејќи тој е во надлежност на Општината. Но, освен усни најави и закани, тој досега не презеде ништо конкретно.