Годинешниот февруари најтопол досега

Високи температури на воздухот кои се движат над просечните од пет до седум степени Целзиусови го карактеризираа месецот што помина. Во февруари годинава се измерени историски максимални вредности на температурата за овој месец во годината, пишува МИА.

Според информацијата од УХМР, средно месечните температури на воздухот во текот на февруари 2016 се движеа од 4.4 степени во Маврово, 4.5 во Лазарополе, 6.3 во Берово, 7.1 во Крива Паланка, 7.7 во Охрид, 8.4 во Прилеп, 8.5 во Скопје, 9.3 во Струмица, 10 во Штип, 10.7, во Демир Капија и 10.8 степени во Гевгелија.

Средните месечни максимални и средните месечни минимални температури се значително повисоки од просечните, за 5-8 степени.

Апсолутните максимални температури на воздухот измерени во февруари 2016 се движат од 17.1 С во Маврово до 23.8 С во Битола.

Во Скопје на 24 февруари со измерени 24.3 степени, во Крива Паланка на 17-ти од 22 степени и во Берово на 23-ти  од 21,7 степени ги надминуваат историските максимални вредности за месец февруари.

Во февруари измереното месечно количество на врнежи е нерамномерно распределено во Македонија. Најмногу врнежи наврнале во Лазарополе и Маврово со вкупно измерена месечна сума од 116 мм, а најмалку во Демир Капија и Гевгелија, 19 мм и 22 мм.

Повисоки вредности на месечната количина на врнежи од просечната се регистрирани во Крива Паланка, Охрид, Прилеп, Штип и Маврово, а пониски во Берово, Битола, Демир Капија, Гевгелија, Скопје, и Струмица.

Најголемо дневно количество на врнежи е измерено во Маврово од 29 мм на 11-ти овој месец, а максималните дневни количества на врнежи не ги надминуват досегашните многугодишни вредности.