Годишнина од масакрот во Сребреница

Денеска е 19-годишнината од масакрот во Сребреница. Дел од одбележувањето на овој тажен датум ќе биде и погебувањето на посмртните останки на уште 175 идентификувани Бошњаци убиени во Сребреница во 1995 година, чии останки беа најдени во масовните гробници. Една од жртвите е момче на возраст од 14 години. Масакрот се случи по повлекувањето на холандските трупи на ОН извршен од силите на босанските Срби.

На 19-годишнината од масакрот во Сребреница, Окружниот суд во Хаг треба да се произнесе за случајот во кој 6.000 преживеани лица, ја тужат холандската држава заради пропустот на нејзините војници, кои беа дел од мировната мисија на ООН во овој босански град, да ги заштитат нивните најблиски во јули 1995 година. Пресудата, која треба да биде изречена на 16 јули, може да влијае на улогата и обврските на војниците кои ќе учествуваат во идните мировни мисии на ООН на други места во светот.

Холандските мировници кои биле стационирани во Сребреница, откако таа од страна на ООН во 1993 година беше прогласена за „безбедносна зона“, имале обврска да го штитат цивилното население. Тужбата ги обвинува дека не го сториле тоа.

Семејствата на жртвите од Сребреница ја сметаат Холандија за одговорна бидејќи холандските мировници не ги спречиле убиствата на нивните најблиски во 1995 година.

Откако на 11 јули 1995 година, војската на Република Српска ја зазела Сребреница, многу бошњачки мажи и момчиња се обиделе да избегаат низ шумата, додека другите, жените, децата и постарите лица, се собрале крај базата на мировниците на ООН во Поточари, каде што бил стациониран холандскиот баталјон .

Неколку стотици луѓе успеале да влезат во базата во Поточари, но, од страна на холандските војници им било кажано дека тие и надвор ќе бидат безбедни, по што им ги предале на Србите, кои подоцна ги убиле. Се проценува дека од мажите кои се обиделе да избегаат низ шумата, 6.000 биле убиени.