Годишниот извештај за МРТ во 2015 пред пратениците

Полемична расправа меѓу пратениците од власта и од опозицијата предизвика годишниот извештај на ЈП Македонска радиотелевизија за 2015 година кој го претстави претседателка на Програмскиот совет Снежана Клинчарова. Таа соопшти дека јавниот сервис лани остварил добивка во износ од 51.700.382 денари како резултат на оставрени пониски трошоци и зголемен процент (75,8) на наплата на радиодифузната такса.

– Во 2015 година вкупниот долг на МРТ е намален за 11.241.165 денари. Вкупните приходи по сите основи остварени се во износ од 1.284.187.329 денари, додека вкупните остварени трошоци во 2015 година се во износ од 1.219.238.386 денари и се пониски и во однос на планираните и во однос на трошоците остварени во 2014 година за 58.587.184 денари. Ова покажува дека во МРТ се работело добро, но не на штета на обемот и квалитетот на програмата, рече Клинчарова.

Истакна дека во 2015 МРТ била во добра продукциска кондиција зашто била емитувана телевизиска програма во вкупно траење од над 15.000 часови (на македонски јазик повеќе од 9.500 часови, на албански јазик околу 6.000 часови и околу 600 часови програми на јазиците на другите немнозински заедници).

Пратениците спореа за квалитетот на програмите на јавниот сервис и за финсискиот дел од извештајот.

Според пратениците на СДСМ, МРТ не ја извршува работата за која е формирана, ја загубила институционалната независност и целосно станала зависна од Владата. Има сервилна и пропагандистичка информативна програма и не го штити јавниот интерес. Не е непристрасна и независна иако покрај 240 милиони денари од буџетот се финансира и од наплата на радиодифузна такса од граѓаните. Поради тоа, нагласија тие, како јавен сервис има обврска  објективно да ги информира, наведувајќи како примери за добро известување некои јавни сервиси од регионот. Опозицијата посочи и дека опаднала  гледаноста на МРТ како и местото на Република Македонија на рангирањата за слобода на медиумите.

Томислав Тунтев рече дека на МРТ нема дебатни емисии и дека јавниот сервис известува само во корист на Владата и не информирала  за проектот на опозицијата „Вистината за Македонија“ и не ги објавувала т.н. бомби.

– Како може она што е причина за политичката криза да не е присутно на јавниот сервис, а граѓаните да не се објективно информаирани иако плаќаат за тоа. Суштината и основата се во начинот на кој се  информира народот, рече Тунтев.

Пратениците од власта одговорија дека МРТ известува за опозицијата повеќе отколку јавните сервиси на некои држави од ЕУ за нивните опозициски лидери, а и дека на МРТ се информира за Шарената револуција.

– Тврдам дека првенците на СДСМ имаат огромоен број застапеност од било кои лидери на опозиција во куп земји. Дали во 1995 имаше поголема слобода на медиум со една телевизија и два весника, рече Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.

Несогласувања имаше и за финансиското работење на МРТ и меѓусебни обвинувања во чие владеење јавниот сервис имал најмногу загуби. Опозиционерите прашаа каде во извештајот е податокот за загубите со кои работи јавниот сервис и како е можно да оствари добивка од 800.000 евра во 2015, а во средината на февруари оваа година е забележан долг од 2 милиони евра поради што МРТ имала блокирана сметка и е на листата на најголеми должници. Прашаа и кои се должниците од кои МРТ не може да си ја оствари наплатата.

Клинчарова одговори дека се работи за наталожени долгови од 2000 година по основ на данок на добивка и по основ на данок на додадена вредност. Од 2002 до 2006, рече таа, МРТ работела со милионски загуби. – Тоа трае до 2011 од кога куќата почнува да работи со добивки, додаде Клинчарова.

– Никој не го крие долгот на МРТ поради тоа што е создаван во време кога раководството беше од СДСМ и тие долгови се огромни, рече пратеникот Илија Димовски.

За долговите на МРТ зборуваше и неговиот сопартиец Крсто Муковски кој рече дека СДСМ во 2006 испуштила од работа над 500 вработени од куќата, која во 2002 имала 1617 вработени и дека во време кога премиер бил Владо Бучковски бил првиот штрајк во јавниот сервис.

– И по продажбата на ЕСМ не е префрлен ни еден денар на сметка на МРТ. Единствени инвестиции беа шест возила „лада нива“ и потрошени 1,5 милиони евра штетни договори со една словенечка агенција, рече Муковски, нагласувајќи дека во 2011 МРТ првпат почнала да работи рентабилно и дека за четири години се вложени над 500 милони денари за нова опрема, возила итн.

Според извештајот за 2015, заклучно со 31 декември 2015 МРТ имала 901 вработен (650 Македонци, 162 Албанци, 34 Турци, 29 Срби, 9 Власи, по пет Бошњаци и Црногорци, 4 Роми и тројца останати). Програмата ја емитува на два телевизиски и три радио програмски серивиси на вкупно девет јазици. Застапени се содржини за сите категории гледачи вклучувајќи ги емисиите за гледачите со посебни потреби.

По редовната пауза, пратениците во 15.30 часот ќе ја продолжат расправата по оваа точка од дневниот ред на 103-тата седница.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.