Спорт

Ѓоковиќ го победи Надал и по две години повторно ќе игра за титулата на Вимблдон

Ѓоковиќ го победи Надал и по две години повторно ќе игра за титулата на Вимблдон

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ ќе биде противникот на Кевин Андерсон во големото финале на Вимблдон, откако во саботата во маратонскиот меч кој се играше во два дена го совлада големиот ривал Рафаел Надал со 3:2 во сетови (6-4, 3-6, 7-6/9, 3-6, 10-8).

Ѓоковиќ започна одлично и поведе во првиот сет со 6-4 кога го наметна своето темпо. Истото го направи Надал во продолжението за да се врати во игра и да го возврати ударот во вториот сет за 1:1.

Голема неизвесност имаше во третиот сет, кој се решаваше во тај-брејкот. До тој момент, ниту еден од двајцата тенисери не го загуби својот сервис, што не беше случајот во 13-от гем. Тогаш брејковите беа чести, за на крај да се израдува Ѓоковиќ со вкупни 11-9. Во тој момент мечот беше прекинат и закажан за саботата со почеток од 14 часот.

Продолжението на дуелот донесе маратонски прв гем на сервисот на Шпанецот, кој по 15 минути игра заврши во негова полза. Следуваше одговор и на противничкиот сервис, со прв брејк и водство од 2-0. Надал лесно го доби четвртиот сет со 6-3 и донесе драма во одлучувачкиот сет.

На стартот на петтиот сет играше израмнет тенис, двајцата ривали сервираа одлично, а првата шанса за брејк ја имаше Ѓоковиќ во осмиот гем, но Надал не дозволи предност на противникот и израмни на 4-4. Во следниот гем, пак, Шпанецот имаше водство 40-15, но Ѓоковиќ со ас и сервис волеј израмни на 40-40, а потоа поведе со 5-4. Во продолжение се играше гем за гем, сè до 17-от, откако Надал направи неколку грешки на свој сервис, кои ги казни Ѓоковиќ за финале по пауза од две години.