Ѓоковиќ најдобар спортист во светот

Српскиот тенисер доминираше минатата година и не само што е убедливо најдобар во својот спорт, туку според резултатите е најдоминантен спортист во светски рамки. Ѓоковиќ на овој начин го одбрани признанието кое го имаше и во 2014 година, а прв пат го има освоено во 2011 година.

ПОСТАВИ РЕКОРДИ КОИ ТЕШКО ДЕКА ЌЕ СЕ ДОСТИГНАТ

Популарниот Ноле во 2015 година триумфираше на три Гренд-слем турнири, а играше во финале на четвртиот, „Ролан Гарос“ во Париз. Беше дел од 15 финалиња едноподруго, а освои и рекордни шест Мастерс титули. Имаше и 31 победа над тенисерите кои се во Топ 10 на АТП листата, нешто што на ниту еден тенисер не му успеало претходно.

„Им благодарам на членовите на академијата кои гласаа за мене. Почестен сум што ја освоив оваа награда. Спортот е многу повеќе од игра. Тој ги соединува сите луѓе во светот. Мојот избор е тенисот. Тоа е мојата најголема страст во животот. Со многу работа и верба имам постигнато се во кариерата. Без разлика од кој дел од светот доаѓаш, можеш да постигнеш голем успех“, рече Ѓоковиќ по добивањето на наградата.

ЗАД СЕБЕ ГИ ОСТАВИ, БОЛТ, МЕСИ, ХАМИЛТОН…

Ова признание за најдобар спортист во светот се доделува од 2000 година. Годинава конкуренти на Ѓоковиќ беа Луис Хамилтон (формула 1), Лионел Меси (фудбал), Јусеин Болт (атлетика), Стеф Кари (кошарка) и Џордан Спит (голф). Сите овие беа доминантни во своите спортови, но не можеа да се споредуваат со успехот на Ѓоковиќ, кој наградата ја прими од некогашниот првак во формула 1, Дејвид Култхард. „Лауреус“ издвојува околу 100 милиони евра помош за развој на младите спортисти во дури 91 земја во светот.

СЕРЕНА НАЈДОБРА КАЈ ЖЕНИТЕ

И во женска конкуренција наградата ја освои тенисерка. Американката Серена Вилијамс беше неприкосновена и заслужено е прогласена за најдобра спортистка во светот. На церемонијата награди добија и рагбистите на Нов Зеланд за најдобра екипа, голферот Џордан Спит за најдобар напредок, како и рагбистот Ден Картер за најдобро враќање на еден спортист. Награда за животно дело доби легедарниот шампион во формула 1, Ники Лауда. Тенисерот Роџер Федерер е рекордер со четири признанија за најдобар спортист во светот, а интересно е дека ниту еден фудбалер не бил најдобар. Досега барем по еднаш најдобри според „Лауреус“ биле Тајгер Вудс (голф), Михаел Шумахер (формула 1), Ленс Армстронг (велосипедизам), Роџер Федерер (тенис), Јусеин Болт (атлетика), Рафаел Надал (тенис) и петкратниот светски првак во формула 1, Себастијан Фетел. Наградата за спортски дух, постхумно му беше доделена на неодамна починатата фудбалска легенда Јохан Кројф.