Гол контрол ќе одлучи дали има или нема погодок

За да не се повторат грешките од минатото, ФИФА реши да ја вклучи и технологијата за време на Мундијалот во Бразил.
Раководните лица на Светската фудбалска организација постојано повторуваа дека технологијата нема никаква допирна точка со фудбалската игра, дека фудбалската игра ќе биде забавена или ќе води до прекин на времето за да се реши некоја спорна ситуација.

Сепак, технологијата на гол-линија нема да го нарушува или забавува ритамот на игра, а веднаш ќе даде одговор на прашањето дали топката со целиот обем ја има поминато гол-линијата.

За прв пат, овој вид на технологија беше применет во 2012 година за време на Светското клупско првенство во Јапонија.
Системите “Хоук Аи” и “Гол Реф”, за време на Мундијалот во Бразил ќе бидат заменети со системот “Гол Контрол”, кој користи мрежа од камери кои го следат преминувањето на гол-линијата од страна на топката и му сигнализираат на судијата дека има погодок. Овој систем успешно беше применет за врема на последниот Куп на Конфедерации.