„Голден Стејт“ поведе во финалето со брејк во Хјустон

Кошаркарите на „Голден Стејт“ направија брејк кај најдобриот тим во регуларниот дел од сезоната и славеа со 106:119 против „Хјустон“ за водство во финалето на доигрувањето на Западната конференција.

За прв пат од 2014 година „Вориорси“ почнаа серија во финалето на плејофот на гостински терен. Губеше актуелниот шампион во раната фаза на натпреварот со девет поени разлика, но, како што рече нивната најголема ѕвезда Стеф Кари, „ако тогаш почнавме да паничиме и да отстапиме од поставениот план, и тоа само затоа што нашиот ривал погоди неколку шута од тешки позиции, натпревар би бил изгубен во истиот момент“. Гостите на полувреме веќе изедначија, а во втората половина на натпреварот господареа на теренот. На почетокот на последната четвртина веќе имаа двоцифрена предност.

На „Рокетси“ не им помогна ниту одличната изведба на Џејмс Харден, кој постигна 41 поен, седум асистенции и четири скока. Фактот дека најпознатата брада од НБА за прв пат од април 2106 година успеа да даде повеќе од 30 коша против „Ворирос“, воопшто не му беше важно на „Голден Стејт“. Гостите едноставно се држеа на својот план. Ова е нивното четврто последователно конференциско финале. Они не паничарат кога се во тесно. За „Хјустон“ ова е прво финале од 2015 година, кога токму од сегашниот противник бепе елиминиран во пет натпревари.

Што и да правеше Харден, неговите соиграчи беа потполно збунети од одбраната на шампионот. Не помогна ниту солидното издание на Крис Пол со 23 поени и 11 скока. Без Харден во приказната, „Рокетси“ како најпознат „тројкашки“ тим во НБА, од дистанца шутираше само со 28 отсто успешност. Но и тоа не беше најлошото кај домаќинот.
Двата тима беа изедначени во доста категории, но тимската игра на гостите беше предноста. „Вориорси“ беа подобри во поени од контранапади (18: 3) и по украдени топки (17: 9), а постигнаа дури 54 поени од „отворени“ шутеви.