Голем број граѓани го проверија стажот во Кисела Вода

Околу 200 граѓани во Кисела Вода ја искористија денешната можност да го проверат својот стаж, податоците за платените придонеси, платите и други податоци.

Проверката се правеше само со лична карта, преку непосредна комуникација со вработени во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Агенцијата за капитално финансирано пензиско осигурување, Министерството за труд и социјална политика, како и институции кои во соработка со општина Кисела Вода го реализираа проектот „Ден за вас”.

Трајко Пренчески, помошник директор во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, истакна дека преку проектот „Ден за вас“ и соработката на институциите, осигурениците ќе можат да добијат увид за тоа дали стажот им е регулиран, евидентиран и дали имаат стаж кој што им недостасува во прегледот. Посочи дека доколку осигурениците  по увидот што ќе го направат на својот стаж, утврдат дека им недостасуваат одредени периоди на стаж, истите ќе можат да се обратат до филијалите на Фондот каде каде по службена должност ќе им бидат средени податоците во матичната евиденција.

Целта на проектот “Ден за вас”, е да се доближат овие институции до граѓаните и тие да добијат информации и одговори на сите прашања поврзани со оваа проблематика, како и  да се заштитат нивните права како осигуреници. Истиот ќе продолжи да се реализира и во останатите општини во Град Скопје, а акцијата ќе тече според утврдениот концепт и динамика.

Минатата година оваа акција беше спроведена во сите поголеми градови низ Македонија.

Жителите на општина Кисела Вода беа презадоволни што на брз и едноставен начин, во близина на својот дом, добија информации поврзани со нивниот стаж. Проверка на стажот направија и жители на други општини кои убавото време го искористија да се прошетаат низ паркот Шопен во општината каде се реализираше настанот.