Голем број пензионери од Берово и Делчево се пријавиле за одење на бања

За користење на бањско-климатска рекреација или бесплатен викенд во подрачните канцеларии на Фондот за пензиско-инвалидско осигурување во Берово и Делчево се пријавиле 725 пензионери од четирите општини на Пијанечко-малешевскиот крај, пренесува МИА.

Според поднесените барања, 505 пензионери се од подрачјето на општините Делчево и Македонска Каменица, а 220 од малешевските општини Пехчево и Берово.

Од Канцеларијата на Фондот за ПИОМ во Делчево информираат дека на почетокот од месецот ќе бидат известени пензионерите на кои им се одобрени барањата за бањско-климатска рекреација и распоредот на термините за користење.

Бањско-климатската рекреација за пензионерите за годинава почнува од март и ќе трае до ноември, а бесплатните викенди ќе се организираат од април до крајот на годинава.