Голем број ученици во Њујорк не знаат ниту да се потпишат

Голем број ученици од Њујорк  толку многу се навлезени во светот на компјутерите, што дури не знаат да се потпишат со рака, а меѓу нив има и деца на конгресмени во њујоршкиот Конгрес, објави денеска весникот „Њујорк пост“, пренесува МИА.

Податоците се изнесени за време на дебата за буџетот за образование во државниот Конгрес во Aлбани, главниот град на американската сојузна држава Њујорк.

– Тоа не е само тажно, туку тоа е проблем за националната безбедност, изјави Никол Малиотакис, пратеничка во државниот Конгрес.

Таа истакна дека децата толку многу се опседнати со компјутерите, што никогаш не научиле да се потпишуваат и тие не се во состојба дури ни да потпишат документи.

Малиотакис го согледала проблемот со рачното потпишување, додека им помагала на луѓето во нејзиниот изборен округ да ги пополнат формуларите, додека се регистрирале во гласачкиот список.

Дури и 11-годишната ќерка на долгогодишниот конгресмен во њујоршкиот Конгрес од округот Харлем, Херман Фарел, не знаела како да се потпише.

– А таа е попаметна од мене, изјави Фарел за својата ќерка, која посетува приватно училиште во Харлем. Тие едноставно таму не ги учат на тоа. Сега се враќам дома и почнувам да ја учам да пишува рачно, додаде изненадениот татко.

Државните образовни прописи не бараат од учениците да учат пишување со рака, а образовниот инпекторат го остава секое училиште самостојно да одлучува за тоа прашање.