Голем дел од дуќаните на Широк Сокак се дивоградби

Стотина објекти во центарот на Битола, иако постојат повеќе децении, се водат како дивоградби. Сопствениците не можат да ги легализираат, ниту да ги продадат, бидејќи немаат документи. Од Катастарот најавуваат дека наскоро ќе изнајдат решение на проблемот, пишува Радио Слободна Европа.

„Има многу граѓани со вакви објекти зашто ова важи и за Широк Сокак и за чаршијата. На Широк Сокак вторниот кат ни е оставен бидејќи за сега такви се законските можности на нашата држава. Ќе сториме се во рамките на можностите, дали со подазконски акти ќе го решиме и тој проблем кој многу ги измачува жителите на град Битола“, вели Стефановски.

Директорот на Агенцијата за катастар и недвижности Славе Трајчески деновиве во Битола се сретна со сопствениците на објектите кои ја немаат потребната документација за легализација на катовите.

„Катастарот до 1992 година не водел воопшто евиденција за катовите, туку бил само катастар на земјиште. Од 1992 година започнала постапка за запишување на зградите. Но, имаме објекти во Битола и во цела Македонија кои се изградени повеќе од 50, 100 години, но немаат документација, немаат одобрение за градба, немаат проекти, ја немаат таа документација. Но, факт е дека егзистирале можеби со столетија“, вели Трајчески.

Директорот додаде дека ова не е само проблем на Битола, туку и нa другите градови низ државата. Најави дека наскоро ќе изнајдат решение на проблемот, но не откри какво, пишува Радио Слободна Европа.