Голем интерес кај странските инвеститори за изградба на ски центар на Јабланица

Вевчани ја заживеја идејата за изградба на ски центар во пазувите на планината Јабланица, побудувајќи силен интерес кај странски инвеститори од Русија, Словачка, Австрија и Бугарија, јавува Алфа.

Физибилити студијата и мастер планот за изградба на ски центарот се веќе готови. Целосната изработка на проектот чини 250.000 евра, а ја плати МЕПСО.

Алпинистите ја поздравија иницијативата за изградба на ски центар бидејќи со својата местоположба како и поволните временско-метеоролошки услови Јабланица  пружа идеални услови за скијање. Планината е под снег 5 месеци во годината.

– Географски кога велиме мислам на должината на патеки кои можат да се изградат таму ,бидејќи има доста добра североисточна експонираност каде што природно има доста големи количини на снег .На голема надморска височина се среќаваат природни извори со кои што многу лесно може да се направи акумулација на пример, вели алпинистот Антонио Додоски.

За градење на ски центар на една од најживописните планини во Македонија, плановите предвидуваат ски патеките долги 30 километри, да бидат направени на врвот на Јабланица, на местото викано Голина, на надморска височина од 1.900 до 2.100 метри ,а жичарницата да биде во должина од 3,5 километри.

Овој капитален проект покрај жичарници предвидува и изградба на пет до шест луксузни хотели од прва категорија со 4 и 5 ѕвезди.

-Моето размислување да не се градат големи хотели да не се длабоко навлегува во заштитата на животната средина се темели токму на тоа дека близината на сместувачките капацитети кои коинцидират со езерскиот туризам би можеле да се искористат и за оваа намена, истакна проф. др. Науме Мариноски.

Јабланица ќе го поттикне развојот на зимско-спортскиот туризам во Македонија, вели проф др Мариноски ,но потенцира дека при креирањето на туристичките политики мора да се води сметка како и колку ќе се интервенира во просторот, без да се екплоатираат премногу природните убавини на планината.

Инаку според предвиденото, ски-центарот на Јабланица ќе има капацитет да прими околу 4 до 4.500 скијачи дневно.