Голем интерес од компаниите за 100-те милиони евра од ЕИБ, министерот Тевдовски во посета на Пекабеско

Со пет милиони евра од евтините кредитни линии од ЕИБ, најголемиот македонски производител на сувомесни производи „Пекабеско,“ има изградено нова фабрика во која денеска работат нови 160 работници, со што вкупниот број во компанијата надмина 470 вработени.

Ова е само еден успешен пример. На располагање се уште сто  милиони од ЕИБ за кои компаниите ќе може да аплицираат од октомври. Договорот за нови 100 милиони евтини кредити од ЕИБ беше потпишан во понеделникот.

По тој повод министерот за финансии Драган Тевдовски, потпретседателот на ЕИБ, Ендру МекДауел, како и Драган Мартиновски, главен извршен директор на Македонската банка за поддршка на развојот го посетија производствено-логистичкиот центар на Пекабеско.

Првиот извршниот директор на Пекабеско, Слободан Кутревски, вели дека со изградбата на новата фабрика двојно го зголемиле производството и за трипати го зголемиле извозот на сувомеснатите производи. Ова им овозможило и вработување на 160 лица во новата фабрика што е за двапати повеќе од предвиденото во бизнис планот на почетокот. Денеска во оваа компанија работат над 470 лица.

“Купивме уште четири хектари земјиште околу фабриката за проширување на производството при што планираме да аплицираме и за новата кредитна линија“, информираше Кутревски.

Потпретседателот на ЕИБ, Ендру МекДауел, рече дека е многу добро да се види каде се пласираат средствата.

“Тоа што е постигнато овде во оваа компанија, е она што сакаме да го постигнеме, а тоа е нови инвестиции, повеќе вработени, зголемено производство и зголемен извоз, истакна потпретседателот на ЕИБ.

Поддршката на ЕИБ во изминатите години придонесе да се создадат околу 6.000 нови работи места во речиси 2.000 мали и средни компании.

Министерот Тевдовски истакна дека новите 100 милиони евра од евтината кредитна линија ќе поддржат многу компании.

“Владата преку оваа кредитна линија, но и преку низа други мерки се залага да обезбеди пристап до капитал за овие претпријатија, за нови инвестиции и нови работни места“, потенцира Тевдовски.

Драган Мартиновски од МБПР посочи дека средствата од новата кредитна линија ќе бидат пласирани во 20 транши кои треба да бидат повлечени во наредните две години.

„Средствата ќе бидат пласирани како и кај претходниот по најповолни услови и нема да надминат 3,5 проценти за крајните корисници“, вели Мартиновски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.