Голем интерес во Свети Николе за „Купи куќа, купи стан“

Граѓаните на Свети Николе покажаа голем интерес за Владината мерка „Купи куќа, купи стан“.

Синоќа околу 100 граѓани беа присутни на презентацијата на поволностите што ги нуди проектот. Презентацијата ја извршија претставници на Министерството за финасии. Најголем дел од граѓаните беа заинтереисрани како да дојдат до сопствен стан.

Градоначалникот на општина Свети Николе, Зоран Тасев изјави дека општината има за цел да им помогне на граѓаните како да дојдат до сопствен дом, преку понудата за продажба на градежни парцели, како за индивидуални куќи, така и за станбени згради.

По 29 години во Свети Николе се гради станбена зграда. Во неа 25 семејства ќе можат да аплицираат и да ги искористат мерките од „Купи куќа, купи стан“. Овде се и банките кои го поддржуваат проектот, а се со цел многу млади брачни парови да дојдат до сопствен дом, рече Тасев, пренесува МИА.

Тасев додаде дека општина Свети Николе има перспектива, имајќи во предвид дека веќе се гради и автопатот Миладиновци-Штип, кој поминува низ Свети Николе, со што, како што рече, жителите на оваа општина за 20-тина минути можат да пристигнат до Скопје.

Како локална самоуправа веќе регистриравме и продажба на земјоделско земјиште на сопственици од Скопје, а набрзо ќе го објавиме и огласот за продажба на градежни парцели за индивидуални куќи. Во месноста „Горубински пат“ ќе се понудат вкупно девет плацеви за индивидуални куќи, со што оние кои ќе ги купат ќе можат да ги искористат и поволностите на проектот „Купи куќа, купи стан“, потенцира Тасев.

Караванот „Купи куќа, купи стан“ вчера беше во Свети Николе, по барање на жителите на општината, кои при минатонеделната посета на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески самите побараа да се одржи презентација на прокетот во нивната општина.