Македонија

Голем интерес за бесплатните курсеви за возрасни во општина Илинден

Голем интерес за бесплатните курсеви за возрасни во општина Илинден

Бесплатните курсеви за возрасни што се реализираат во рамките на Културно Едукативниот Центар (КЕЦ) „Илинден“ станаа вистински хит во Општина Илинден. Покрај изучувањето на англиски и германски јазик возрасните имаат можност бесплатно да ги посетуваат и курсевите по јога и Чи Гонг, а со цел превентива од болести и одржување на доброто здравје.

Позитивното и превентивното делување на овие физички дисциплини го потврдува и податокот што истите се вклучени во програмата за превентива и лекување на Универзитетската клиника во Минхен.

Од општината велат дека токму затоа, од недела во недела бројот на заинтересираните граѓани за овие бесплатни курсеви е се поголем.

Уписите се вршат секоја сабота од 09:00 до 12:00 часот во трите основни училишта „Гоце Делчев”, „Ристо Крле” и „Браќа Миладиновци”.

Општина Илинден веќе 10-та година по ред организира Бесплатни курсеви што се реализираат во рамките на КЕЦ „Илинден“. Учениците од четврто до деветто одделение од трите основни училишта „Гоце Делчев”, „Ристо Крле” и „Браќа Миладиновци” имаат можност да посетуваат 17 бесплатни курсеви по: странски јазици (англиски, италијански, германски, шпански и кинески јазик), уметност-сликарство, музика-гитара, фотографија, модерен балет, народно оро, народно пеење, драма, курс за креативно пишување, курс за менаџирање со конфликтни ситуации, јога, карате и годинава за прв пат Курс за копаничарство.

Во изминатите девет години КЕЦ „Илинден“ на учениците од Општина Илинден им издаде над 5.000 дипломи за завршени бесплатни курсеви.