Голем интерес за фејсбук страницата „Здрава бременост“

Новата фејсбук страница „Здрава бременост“, креирана од Министерството за здравство, која што е активна од вчера, само за еден ден има над 5.000 следбеници.

Страницата е наменета за стручни совети и консултации за бременоста, а секојдневно, по еден доктор од Клиниката за гинекологија ќе одговара на прашања поставени во коментар или во приватна порака на страницата.

Според директорот на Клиниката за гинекологија и акушерство, Марија Хаџи Лега, најчести прашања кои се поставуваат се во врска со тегоби во бременоста, кои испитувања се потребни да се направат, дали има потреба од скрининг…    Се добиваат препораки за начинот на исхрана, совети за високо ризична бременост, за гестациски дијабет, за ризици од предвремено породување, за лекови кои можат да се употребуваат, се’ со цел заштита на здравјето на мајката и детето.

Хаџи Лега информираше дека само за 24 часа, на страницата се поставени 100 прашања.

Таа рече дека на Фејсбук страницата „Здрава бременост“ се реафирмира и Мајчината книшка, која секој матичен гинеколог е должен да ја пополни и издаде при констатирана бременост, а се споделуваат и совети од брошурата за здрава бременост (која се дава во прилог на Мајчината книшка), како и од Упатството за антенатална грижа. Појасни дека ваквата комуникација ги подготвува идните мајки за прегледите или испитувањата кои треба да ги извршат, така што кога ќе се обратат на лекар ќе бидат поподготвени и ќе се намали нивното евентуално чувство на стрес или неизвесност.