Голем интерес за инвестирање во индустриската зона во Дојран

Општина Дојран наскоро ќе добие индустриска зона за лесна и незагадувачка индустрија која ќе се простира на површина од 20 хектари.

Урбанизацијата на просторот на влезот пред Нов Дојран, на кој се планирани 52 парцели за индустриски објекти, е целосно завршена и веќе се работи на инфраструктурното уредување. Во моментот се гради водоводниот систем за кој од општинскиот буџет се издвоени околу 3 милиони денари.

„Градењето и асфалтирањето на патиштата во зоната ќе биде втората фаза за која подготвуваме проект и очекуваме до есен комплетно да ја реализираме. Водевме сметка да го зачуваме Дојран како чиста животна средина така што најголем интерес сега постои за објекти одпреработувачката индустрија, за откупни центри и фабрики за преработка на овошје и зеленчук, како и за отворање млекари и пекари“, вели градоначалникот Борче Стамов, за МИА.

Од општината велат дека домашни и странски фирми пројавиле интерес за инвестирање и дека првиот оглас за продажба на парцели во новата индустриска зона кај Дојран ќе биде објавен до крајот на јуни.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.