Голем интерес за инвестирање во слободните здравствени зони

Претставници на американски болници и центри од целата територија на САД дојдоа на презентацијата на министерот за здравство Никола Тодоров во Вашингтон. Голем број се заинтересирани за вложување во слободните здравствени зони и медицинскиот туризам во Македонија, пренесува МРТ.

Врвни хирурзи, научници, директори на болници и медицински центри присуствуваа на преставувањето на можностите за вложување во медицинските зони и медицинскиот туризам во Македонија. Покажаа голем интерес за соработка и за конкретни проекти.

При посетата на Националните институти за здравје во Бетезда, Мериленд, министерот Тодоров се запозна со истражувањата и праксата во оваа најелитна медицинска установа во Америка.

„Она што го разговаравме со директорот беше можноста за испраќање на македонски млади професори или асистенти да престојуваат тука на овој најреномиран институт во светот, пред се во областа на истражувањето, во период од две до три години. Потоа да се вратат во Македонија односно на Медицинскиот факултет“, изјави за МРТ министерот за здравство, Никола Тодоров.

Меѓу заинтересираните за соработка е директорот на престижната Џонс Хопкинс универзитетска болница.

„Треба да најдеме заедничка основа за соработка. Апсолутно сме многу заинтересирани за заедничка работа“, вели Најтан Басин, директор на болницата Џонс Хопкинс во Балтимор, Мериленд.

Во Вашингтон допатуваа и претседатели на бордови на болници од Калифорнија и Флорида.

„Би било убаво да направиме сојузништво со земји како Македонија, каде наши хирурзи за ’рбет би оделе во Македонија да обучуваат и да изведуваат операции и додека се таму да разгледуваат можности за бизнис, за градење клиника или развивање на оддел во клиника во Македонија“, изјави Кевин Нелсон, потпретседател за хируршки развој на болницата „Марина Дел Реј“ во Лос Анѓелес, Калифорнија.

„Ова беше прекрасна можност да научиме за новиот проект за слободни здравствени зони и за можностите за инвестирање во медицинскиот туризам, од кој ќе има корист на подолг рок“, смета Кристина Кардона, извршен програм менаџер на Асоцијацијата за медицински туризам во Палм Бич, Флорида.

Националните институти за здравје се федерална медицинска установа во чиј состав влегуваат 27 институти и центри и најдобрата истражувачка болница во светот.

Се повеќе американски болници се заинтересирани за соработка со болници во Македонија.