Голем интерес за „Купи куќа за млади“ и „Купи куќа купи стан“ во Крива Паланка

Голем број млади покажаа интерес за проектите „Купи куќа за млади“ и „Купи куќа, купи стан“, кои синоќа беа презентирани во Крива Паланка.

– Локалната самоуправа на општина Крива Паланка ги одреди земјиштето со парцели за проектот  „Купи куќа за млади“ следејќи ги препораките на Владата на Република Македонија. Станува збор за градежно земјиште во сопственост на РМ со вкупна површина од околу 80 хектари, поделено на два дела. Локалитетот се наоѓа на десната страна на градот по течението на Крива Река каде минуваат трасата на железничката пруга и автопатот од коридор 8, како и магистралниот цевковод од гасоводот, изјави  градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски.
Тој дополни дека општината ќе гради заедничка патна и комунална инфраструктура на парцелите по донесувањето на деталниот урбанистички план кој ќе го финансира Министерството за транспорт и врски.
купи кука
Од страна на стручните лица од  подрачната единица на Министерството за финансии, Одделението за урбанизам и подрачната единица на Катастар за недвижности беа потенцирани предностите на проектите, моделите на субвенционирање на рата односно учество, можноста за градба не само на општински парцели, туку и на сопствен имот. Беше укажано и дека потребните идејни проекти неопходни за добивање одобрение за градба се достапни бесплатно на веб-страницата на Министерството за транспорт и врски, со што граѓаните ќе можат да заштедат дополнителни од 1.500 до 2.000 евра.
Кривопаланчани се интересираа за аплицирање за проектот „Купи куќа за млади“ за надградба или доградба на веќе постојни куќи, во кои, како што истакнаа, сеуште живеат во заедница.
– Не интересира моделот субвенција на рата, исклучително е поволен, зашто ние младите на почетокот на осамостојување и отпочнување заеднички живот не можеме да одвојуваме многу средства за да се осамостоиме и да се одвоиме од возрасните, како што е случај во многу традиционални македонски семејства, рече Елена Митковска-Крстовска, жител на Крива Паланка. 
На локацијата  во Крива Паланка, во која треба да се гради новата населба во месноста „Златина падина“ одредени се 400 градежни парцели на кои може да се изградат предвидените типски куќи со површина од 60 до 180 метри квадратни. Сите млади брачни парови до 35-годишна возраст со интерес да аплицираат во рамки на проектот „Купи куќа за млади“ детални информации можат да добијат во Одделението на Управата за имотно-правни работи во општината.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.