Голем интерес за отпис на долговите

Започна поднесувањето за отпис на долговите од страна на граѓаните.  Министерот за финансии Зоран Ставрески и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, денеска го посетија Центарот за социјални работи во Гази Баба за да проверат како се одвива активноста и каков е интересот.

-Задоволни сме што не` информираа дека уште од отворањето на Центрите за социјална работа, граѓаните доаѓаат и се интересираат. Некои од нив веднаш поднесуваат барање, а некои ги земаат формуларите да ги пополнат дома задно со брачните другари и ќе ги вратат во Центрите. Има добар интерес, граѓаните се одзваа на можноста што им се дава за еднократен отпис на долговите, истакна Ставрески.

Тој потсети дека се работи за предизборно ветување и една од најзначајните мерки од програмата на Владата за период од 2014/2018 година, која стана реалност.

– Очекувам во следниoт период да има уште поголем интерес и центрите за социјална помош и комисијата, што ја формираше Владата, да ја завршат својата работа во интерес на граѓаните, додаде вицепремиерот Ставрески.

1500ffgdgdgfg

-Во текот на денешниот ден, досега се подигнати околу 2.000 барања од страна на примателите на социјална и постојана парична помош, подолго невработените лица од 12 месеци, оние кои се наоѓаат во социјален ризик и во потешка финансиска состојба како резултат на смрт на едниот од брачните другари или пак тешка здравствена состојба или инвалидност. Со овој проект ќе се помогне на голема бројка граѓани кои што се наоѓаат во навистина тешка материјална и финансиска положба и ќе се помогне во надминување на социјалниот ризик со кој се соочуваат, потенцираше Спасов.

Граѓаните кои денеска поднесоа барање за отпис на долговите, се задоволни од оваа владина мерка. Велат дека е од огромно значење за социјално ранливите категории.

-Ќе го искористиме правото кое ни го даде Владата за отпис на долг. Имаме стар долг за струја.

-Имам долгови за радиодифузна такса. Долговите ми се за неколку месеци од 2012 и 2013 цела година, аплицирам како социјален случај и многу сум задоволен од проектот. Благодарност до Владата. Ова е помош, вели граѓанин кој денеска дојде во Центарот за социјални работи во Гази Баба да поднесе барање за отпис на долговите.

50000otpis

Ќе се отпишуваат долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година, а по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, за кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити, како и долгови за радио дифузна такса. Долговите треба да бидат неплатени подолго од една година и за нив да е почната постапка за наплата.

Барањата граѓаните ќе ги поднесуваат во рок од 30 дена од објавување на повикот од страна на Министерството, а за нивното прифаќање ќе одлучува посебна комисија формирана од Владата.

Потребно е да се пополни барање на посебен формулар и да се внесат основните генералии, како и тоа за каков вид долг се работи. Со себе граѓаните треба да носат лична карта и лична карта на брачниот другар. Тие ќе треба да потпишат изјава со која ќе дадат согласност за државните институции да можат по службена должност да ги набават сите други потребни документи од државните институции со цел постапката да биде поедноставна за граѓаните и да мора да одат по шалтери да ја обезбедат потребната документација.

Целата постапка за отпис на долгови на најранливите категории граѓани се очекува да заврши до ноември, а се проценува дека ќе се опфатат меѓу 50.000 и 100.000 граѓани, што, пак, зависи од тоа колку лица ќе се пријават.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.