Голем собир на ВМРО-ДПМНЕ во СЦ „Борис Трајковски“

ВМРО-ДПМНЕ в недела напладне во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје ќе одржи голем собир на граѓаните, од кој ќе бидат испратени политички пораки од повеќе личности, меѓу кои и од претседателот на партијата, Никола Груевски, пишува „Дневник“ од изворите во Извршниот комитет на владејачката партија.

Организирањето на овој собир, кој е планиран како трибина, доаѓа како резултат на автохтона иницијатива на повеќе општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ и искажаната енергија што членството ја чувствува по најновите политички настани и потребата од одговор.

Не се исклучува можноста овој настан да биде почеток и дел од еден можен карван, кој би продолжил понатаму во повеќе градови низ државата. Сепак, во моментот се уште не се знае како ќе изгледа завршницата на оваа иницијатива.

– Јавноста низ целата држава ќе има можност да ги чуе позициите на партијата за повеќе актуелни теми и предизвици, ќе се испратат јасни пораки, за она што се залагаат и она што го планираат во наредниот период – објасни изворот од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму истакнуваат дека ова е исклучително важен период за државата и за граѓаните,  и обврска е на партијата е да одговори со аргументи и со конкретни поенти. Од партијата посочуваат дека присуството на настанот во салата „Борис Трајковски“ во недела ќе биде слободен за сите граѓани на Македонија, на поддржувачи и симпатизери. Од таму истакнуваат дека партијата е свесна за обврската што ја има преземено од граѓаните и граѓаните очекуваат одговор на своите реални секојдневни потреби барања и прашања.

– И покрај тоа што СДСМ сака да ги замрзне и да фрли сенка на сите позитивни процеси во државата што беа почнати во повеќе сектори од страна на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и последново намалување на невработеноста, нашата партија опстојува и ќе продолжи со реализација на своите ветувања и преземени обврски кон граѓаните. Ние сме им должни на граѓаните да го реализираме тоа што го ветивме, а им ветивме повеќе работни места, носење инвестиции, зголемување на платите, пензиите, социјалната помош, подобро здравство, нови болници, нови училишта, поддршка на земјоделците и многу други проекти поради кои граѓаните ни дале доверба на претходните избори. Ние имаме конкретна програма и држиме до дадениот збор дека ќе ја реализираме – изјавуваат во ИK на ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.