Голем успех на македонските кик боксери Ѓорѓиев и Манојловски

Македонските кик боксери со извонреден успех се вратија од Белград каде изминатиов викенд учествуваа на “Србија Опен 2015”, собир за натпревари во К1 и кик-лајт дисциплините од кик бокс спортот.

Вкупно четири медали од кои две златни и две сребрени, е ефектот од настапот на македонските репрезентативци.

Димитар Ѓорѓиев имаше нов беспрекорен настап во категоријата до 79 килограми, стигнувајќи до златниот медал. Во финалето Ѓорѓиев славеше против Хрватот Матео Маколе.

Златен медал, но во категоријата до 69 килограми, освои и Ненад Манојловски триумфирајќи во финалето против Србинот Милош Цветковиќ.

Со сребрени медали се закитија Милан Кубин во категоријата до 89 килограми, откако во финалето загуби од Милош Цветичанин од Србија, како и Стефани Тодорова во категоријата до 65 килограмни, по поразот во финалето од домашната натпреварувачка Драгица Јелисавец.

На кик-бокс Купот во Белград учествуваа вкупно 126 кик-боксери од седум држави, покрај од Македонија, и од Словачка, Словенија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и домаќинот Србија.

Извор: Екипа