Голем успех за „Виножито“ : Пападакис е новиот директор за комуникации на ЕСА

Јоргос Пападакис од партијата на Македонците во Грција „Виножито“ е новиот директор за комуникации на Европската слободна алијанса со седиште во Брисел, јавува МРТ.

Во Европската слободна алијанса членуваат политичките партии на малцинствата во Европа и останати регионални и прогресивни партии. Ова претставува навистина значаен потег и чест за македонското движење во Грција, велат од „Виножито“.

Од партијата се сигурни дека Пападакис, кој што досега беше шеф на прес–службата на „Виножито“, новата функција ќе ја извршува со истата страст со која што и досега се бореше за признавањето на македонското национално малцинство и другите малцински групи во Грција.

-Се надеваме дека овој избор ќе го воодушеви и новиот еврокомесар од Грција, но и сите грчки европратеници. Ова ќе биде уште една шанса за суштински дијалог за проблемите на етничките Македонци во Грција, велат од „Виножито“.

За Македонското движење во Грција овој избор претставува голема можност но и обврска, вели Пападакис за МРТ.

-Поради мојот избор, поголем број на личности и институции ќе се свртат кон нас. Тоа значи дека ние мораме уште поактивно и со повеќе енергија да им ја покажеме вистинската состојба со полето на човековите права во Грција, смета Пападакис додавајќи дека новата функција ќе му овозможи поголема активност во борбата за правата на македонското малцинство на меѓународно ниво.

Освен на македонското прашање, тој најави дека ќе се фокусира и на тоа помалите народи и групи да добијат поголема видливост и присутност во медиумите.

 

Европската слободна алијанса заедно со зелените партии има 50 европратеници и во неа членуваат партии од Австрија, Белгија, Бугарија, Чешка, Франција, Италија, Германија, Обединетото Кралство и други.