Голем велопикник во Паркот на природата „Гази Баба“

 

Градот Скопје ги поканува сите граѓани, рекреативци и вљубеници во велосипедизмот да дојдат во Паркот на природата „Гази Баба“, на големата ливада, да се дружат, да се забавуваат, натпреваруваат и да се запознаат со целите на Европската недела на мобилност (ЕНМ) 2016 на големиот пикник што ќе се одржи в недела /18.09.2016 година/ почнувајќи од 10 часот. Овој настан е дел од активностите за одбележување на третиот ден од Европската недела на мобиност 2016, којшто ќе се одвива под мотото „Велосипедот неразделен придружник“.

Градот Скопје овој настан го организира во соработка со Здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“.

Граѓаните во недела ќе имаат можност да практицираат планински велосипедизам и да џогираат на трим-патеката, а децата ќе се натпреваруваат во велосипедска трка на Големата ливада. На учесниците ќе им се придружат и велосипедистите кои од раните утрински часови ќе возат до одредени дестинации во опкружувањето на градот: Матка, Козјак, Скопска Црна Гора, и повратно до Гази Баба.

Настанот ќе биде збогатен со забавни активности и игри: лотарија, музички изведби на познати локални бендови и уметници, како и презентација на локалните бизниси, специјализирани за производство и дистрибуција на здрава храна и пијалаци. Продавници за велосипеди ќе промовираат различни модели велосипеди, а ќе понудат и бесплатна поправка и бесплатни совети.

Градот Скопје со организацијата на Европската недела на мобилност ќе испрати силна порака што поголем број граѓани да користат велосипед како превозно средство, да го променат својот начин на живот и своите навики, со што ќе придонесеме за одржлива мобилност и поздрав живот.

Како дел од овој настан ќе се промовира новата тематска карта за Гази Баба којашто ја финансира и изработи Градот Скопје, а на која се презентирани површината и границите на заштитеното подрачје, присутната вегетација и уредувањето со потребни содржини за попријатен престој, а особен акцент е ставен на презентирање на сите патеки, нивната намена и должина. За таа цел се подготвени и флаери со податоци за просторот и самата карта, за сите учесници во манифестацијата и присутните граѓани.