Голема акција на радио Бубамара за чисто и зелено Водно

Радио Бубамара, по повод својот јубилеј, денеска ја најави акцијата „За чисто и зелено Водно“ со едни од најголемите музички имиња на Балканот,Влатко Стефановски и Парни Валјак  кои симболично посадија неколку дрва на средно Водно и заедно со извидниците од Јадран и ПСИО почнаа со чистење на лесниот отпад на Водно.

При садењето на јаворите како благослов за подобро да се фатат и никогаш да не бидат исечени, младите извидници и присутните новинари ги пееја рефрените од Парни Валјак и Влатко Стефановски,Чукни во дрво и Ухвати ритам.

Претходно,Парни Ваљак беа во посета на ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“, каде по повод заедничкиот јубилеј со Радио Бубамара и училиштето, учениците приредија мал концерт по што заедно со Ранко Петровиќ и Аки Рахимовски весело и со песна посадија чинар во дворот.

buba_maraaa (2)

Се повикуваат граѓаните кои во следните две недели ќе го посетат Водно или било која планина, да земат со себе ќесичка и да соберат барем по десет отпадоци, а ѓубрето да го фрлат во контејнери. Акцијата е доброволна и во неа можат самоинцијативно да се вклучат сите граѓани, компании и институции,  под мотото:

– Кој сака и може, нека чисти ,а кој несака – барем да не фрла ѓубре во природата, изјави Ранко Петровиќ од Радио Бубамара.

Влатко Стефановски при најавата на акцијата рече:

– Порано имаше еден слоган: Засади ја својата иднина,јас би додал: засади ја својата иднина – ама не го сечи своето минато! Затоа треба да ја чуваме секоја зелена гранка,да не дозволиме да биде сечено било кое зелено дрво, во име на некоја бетонска зграда.

Аки Рахимовски изјави дека во потполност се согласува со Влатко и  дека  е среќен што е денеска заедно со него во својот роден град Скопје.

– Се сеќавам дека како дете секогаш за Први мај со целото друштво се качувавме наВодно и уживавме во чистиот воздух.

Од сабота, акцијата ќе започне со чистење на планинарските патеки заедно со граѓаните кои знаат што значи чисто и пошумено Водно.  Во акцијата ќе бидат вклучени комуналните служби и вработени од неколку општини кои самоиницијативно ќе се вклучат во акцијата во наредните 2 недели околу малите депонии и отпадот околу асфалните патишта.

Акцијата има за цел да се исчистат конзервите,амбалажа од сок и млеко и пластичното ѓубре кое се фрла во природата, а е многу штетно за здравјето на секоја  дрво и грмушка бидејќи за нивното распаѓање се потребни повеќе од 500 години – а тоа е навистина преногу.

Слоганот на акцијата е: „Не е време за на улица, време е за во – шума!Да го исчистиме ѓубрето од водно!“