Голема акција против исламистите во Бугарија

Бугарските безбедносни сили денеска спроведоа рација на повеќе локации во југоисточна Бугарија, вклучително и една џамија, во рамките на антитерористичката истрага, јавува МИА.

– Мета на полициските операции најверојатно се приврзаниците на екстремистичката група Исламска држава, јави БТА.

Бугарската државна телевизија емитуваше снимка на која се гледа како полицијата го приведува Ахмед Муса Ахмед, имамот на џамијата во Пазарџик, кој во повеќе наврати е обвинуван за ширење на радикалната идеологија.

Ахмед е од ромска националност и во март годинава е осуден на една година затвор поради промовирање на радикална и идеологија во периодот од март 2008 до октомври 2010 година. Тој е осуден и на уште три години затвор поради кршење на условната казна, на која беше претходно осуден поради ширење на радикалниот ислам, но остана на слобода до решавање на жалбата на пресудата.

Бугарските медиуми јавија и дека се уапсени уште најмалку четири членови на муслиманската заедница во Пазарџик.

Бугарското државно обвинителство соопшти дека покренало заедничка операција со Министерството за внатрешни работи и со Агенцијата за национална безбедност во рамките на истрагата „тероризам и поттикнување на војна“.

Претрес е извршен на 40 адреси во Пазарџик, во Пловдив, во Смољам, во Асеновград и во Хасково.

Истрагата е заснована на слики и видео снимки објавени на Фејсбук, на кои припадници на ромската муслиманска заедница во Пазарџик позираат во маици и капи со симболите на ИД. Во меѓувреме, снимките се отстранети од социјалните мрежи.