Голема македонска инвестиција во нова палета на здрави производи

Македонската компанија Макпрогрес инвестираше три милиони евра во два нови производствени погони за кондиторски производи во Виница и производи во делот на здрава исхрана како и 80 нови вработувања.Со инвестиција од еден милион евра во новата палета производи „натура“, Макпрогрес го збогати своето портфолио на познатите брендови „винчини“, „армониа“, „сончева долина“ и 30 други брендови.

„Во текот на оваа година Макпрогрес планира и дополнителна инвестиција во производите „натура“ од уште еден милион евра во проширување на капацитетите и асортиманот на производи.Планираме брендот да се најде на странските пазари каде што е застапен Макпрогрес во 42 држави. Производите се издвојуваат по дизајнот, пакувањето, амбалажата за кои веќе сме номинирани за награда на поранешните југословенски републики,“ изјави Глигор Цветанов, генерален директор на Макпрогрес.

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески изјави дека 364 милиони американски долари е вкупниот македонски извоз во прехранбената индустрија од кој 4,2 отсто отпаѓаат на Макпрогрес,вкупниот извоз на кондиторските производи е 40 милиони евра од кои 38 отсто му припаѓаат на Макпрогрес.

„Од 2008 година, на секои две години Макпрогрес инвестира во нови фабрики.Станува збор за компанија за почит која во 1990 година започнува од нула, а денеска извезува во рекордни 42 земји со интенција да извезува во 60 земји.Македонската економија, создаде сериозна структура во изминатиот период, а таква компанија е Макпрогрес. Работи согласно политиките на Стопанската комора за зголемување на извозот, инфраструктурен раст, нови инвестиции. Работи и согласно политиките на Владата за подобрување на македонската економија и според светските економски стандарди,“ изјави Азески и потенцираше дека 70 отсто од извозот е во ЕУ, пазар кој што е прибирлив во однос на производите па оттука и неговото мислење дека во Македонија има структура во економијата која треба да се  поддржи во нејзиниот раст. што не е само во интерес на компанијата туку и на сите граѓани.

„Преку 300 компании во Македонија работат според европски и светски стандарди и успеваат да ги верифицираат своите производи. Оттука Стопанската комора секогаш ќе ги поддржи фирмите и ќе застане зад ваквите успешни фирми кои треба да бидат пример за сите останати,“ истакна Азески.

Во наредниот период Стопанската комора ќе работи на средување на регулативата со земјите од третиот свет, создавање на мрежа на партнерски организации во тие држави, поврзување на балканските земји во заедничко производство за регионален настап на европскиот пазар.

Брендот „натура“ содржи 30 здрави производи, а до крајот на годината на пазарот планираат да лансираат уште 20 нови производи.

Лани, Макпрогрес Виница оствари рекордни резултати од продажбата на домашен пазар и на странските пазари. Вкупниот промет за првпат надмина 20 милиони евра, а произведени се 10 илјади тони готови производи од кои 70 отсто се извезени на пазрите на 42 држави низ светот. Компанијата брои над 400 вработени.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.