Голема поддршка за државниот испит од професорите

Професори од универзитетите од Македонија го поддржаа предлогот за државен испит на факултетите, со граѓанска иницијатива која ја насловија „За поддршка на знаењето во високото образование“. Тие во иницијативата истакнуваат дека знаењето е основна движечка сила во секоја професија, клучна енергија што го движи светот напред, пренесе МИА.

– Како одговорни граѓани, не смееме да останеме неми пред обидите за тесна политичка манипулација на високото образование во Република Македонија. Цврсто убедени дека воведувањето на државниот испит во високото образование ќе ја исполни основната и единствена цел заради која се воведува, со индигнација ги отфрламе сите инсинуации дека со воведувањето на државниот испит се правел упад во автономијата на универзитетот, пишува во иницијативата.

Тие нагласуваат дека автономијата на универзитетот секогаш била и мора да остане тесно поврзана со начелото на јавната одговорност на универзитетите во однос на заштитата и развојот на општеството и на државата.

– Високото образование е неспорна државна одговорност. Европските трендови во однос на автономијата на универзитетите е дека таа може да биде одржлива единствено и само преку ефективните механизми на економската одржливост која, пак, е зависна категорија од вредностите и услугите што универзитетите му ги испорачуваат на пазарот на трудот. Колку повеќе знаење во високообразовниот систем, толку е поуспешна државата. Современиот концепт на автономен универзитет е концепт на пазарно-ориентирана автономија. Република Македонија мора да го следи овој тренд. Друг избор не постои. Нема економски раст без соодветен раст на образованието, сметаат универзитетските професори потпишани во иницијативата.

Според нив, факт што не смее да се премолчи е дека суштината на модерната дебата за автономијата на универзитетот и академската слобода се врти околу прашањето за новите форми на одговорност што универзитетите ги имаат кон државата, кон општеството, како и посебната одговорност кон корисниците на универзитетските услуги. Универзитетите во модерниот свет, наглсуваат тие, се рамноправни, а не привилегирани институции во системот.

Предложениот модел за воведувањето на државниот испит во високото образование, сметаат тие, не е спротивен на македонскиот Устав и во ниту еден сегмент не ја повредува уставно загарантираната универзитетска автономија. Професорите укажуваат дека државниот испит ќе го спроведува Одборот за акредитација и евалуација на високото образование кој, потенцираат тие,  на ниеден начин не може да влијае на нарушување на автономијата на универзитетите бидејќи се основа од основачот на државните универзитети. Основната цел на оваа мерка, посочуваат професорите, е подобрување на вкупниот квалитет на македонското високо образование во полза на студентите и на професорите.

– Не е добро ниту за студентите, ниту за државата да се произведуваат генерации студенти кои формално имаат дипломи, но немаат суштинско  знаење. Со оваа иницијатива велиме „не“ за бизнис интересите, профитерите и манипулациите во високото образование. Велиме гласно „не“ за купените дипломи; „не“ за оценките со протекции; „не“ за нелојалната конкуренција во и меѓу факултетите и универзитетите, а големо „да“ за знаењето и за квалитетот во високото образование. Тоа е нашата мисија, но и нашата најголема обврска како одговорни чинители во високообразовниот систем, стои во иницијативата на професорите кои ги поддржуваат реформите во високото образование.

фото: Сител