Голема забавна еколошка акција по повод 20 години Радио Бубамара

Радио Бубамара ќе прослави 20 години постоење со весела еколошка акција која ќе започне од сабота на 25- ти април, со спонтано масовна посетеност  на голем број љубители на природата и добрата музика.

Притоа ќе се организира собирање и селектирање на пластични шишиња, ќеси и на другиот отпад што се наоѓа околу планинарските патеки на Водно.

За распаѓање на пластичните шишиња и ќесите во природата потребни се повеќе од 500 години и тие имаат негативно влијание врз почвата и развојот на целата вегетација.

Сите граѓани што во наредните две недели ќе го посетат Водно нека земат со себе и ќесичка во која ќе можат да го собираат лесниот пластичен отпад и да го фрлаат во контејнерите што во голем број ќе бидат поставени во подножјето, на повеќе места на врвот и патот на Средно Водно во близина на секоја планинарска патека.

Кон акцијата може да се вклучат и голем број на компании и друштва кој ќе се промовираат за својата активност и преку facebook.

Акцијата не е обврзувачка за сите посетители на планината, па затоа еден од слоганите е: „Кој може и сака нека собира, а кој не може,барем нека не фрла ѓубре во природата“.

Првиот човек на Радио Бубамара , Ранко Петровиќ  најави оваа акција која ќе биде пропратена и со симболично садење на 40 дрвја и правење цветно паркче од  музички ѕвезди од Македонија и Балканот .

На околу 20 пункта ќе бидат поставени контејнери и канти за селектирање на отпадот. Во акцијата ќе може да учествуваат сите граѓани, ќе бидат вклучени Црвениот крст, планинарски и маунтбајк-друштва, здруженија, средни училишта, академици, а поканети се и вработените од Град Скопје, скопските општини, рекреативци и сите граѓани што ја сакаат природата и го знаат значењето на зеленото, чисто и пошумено Водно.

Акцијата ќе почне на 25 април со мал еколошко планинарски концерт со големи музички ѕвезди.