Големата награда на Британија за Хамилтон, на Фетел му пукна гумата

Актуелниот светски првак во Формула 1, Британецот Луис Хамилтон од тимот на „Мерцедес“ е победник на Големата награда на Велика Британија во Светското првенство за возачи на Формула 1, којашто се возеше во неделата на патеката во Силверстон, додека моментално водечкиот во генералниот пласман Германецот Себастијан Фетел од „Ферари“ заврши на седмото место откако во претпоследниот круг му експлодираше гумата.

Хамилтон до четвртата последователна победа на домашна трка стаса водејќи од почеток до крајот на трката, а грбот успешно му го чуваше клупскиот колега Финецот Валтери Ботас кој заврши на второто место со 14 секунди заостанување.

Фетел го држеше третото место сѐ до претпоследниот круг кога поради пукнување на пневматикот загуби четири позиции и падна на седмото место, додека на најниската скала на победничкиот пиедестал се искачи вториот возач на „Ферари“, Финецот Кими Рајконен/

Во генералниот пласман од Светското првенство во Формула 1 води Фетел со 177 бодови, сега само еден повеќе од второпласираниот Хамилтон, додека трет е Ботас со 154 бодови.

Следната трка ќе се вози за Големата награда на Унгарија по две седмици.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.