Големиот сон на Карлос е да биде тренер на Реал (М)

Легендарниот репрезентативец на Бразил, Роберто Карлос, откри дека сака да биде тренер и на најтрофејниот клуб во шпанската Примера дивизион, Реал (М).

Поранешниот дефанзивец на “кралскиот клуб” моментално работи како тренер на турскиот прволигаш Сиваспор, но не ја крие амбицијата дека сака повторно да се врати на “Сантијаго Бернабеу”.

“Јас имам еден голем сон. За 10 години да бидам тренер на Реал (М). Се надевам дека ќе ми се исполни и овој сон”, изјави Карлос.

Бразилскиот стручњак ги предупреди фудбалерите на Реал (М) дека нема да им биде лесно во првиот 1/8 финален натпревар од Лигата на шампиони каде за противник го имаат германскиот бундеслигаш Шалке.

“Реал (М) доминира кога е во прашање поседот, но Шалке е незгоден кога се во прашање контра нападите. Во моето време, кога играв за Реал (М), имаше една сезона кога сакавме да ги освоиме сите можни титули. За жал, на крајот не освоивме ниту една. Не е убаво да мислиш дека Реал (М) е најдобриот клуб во целиот свет”, изјави Карлос.