Големо расчистување по снежното невреме во САД

По големото снежно невреме викендов, во источниот дел на САД започна големо расчистување.

Снежната покривка, која во Вашингтон достигна и до 90 сантиметри, го стопира поголемиот дел од сообраќајот во Њујорк и поплави некои крајбрежни региони во Њу Џерси.

Од Западна Вирџинија до јужниот дел на Мејн голем број лица учествуваат во расчистување на натрупатниот снег.

Ограничувањата за патувања во Њујорк, Балтимор и Делавер се укинати, а сообраќајот по патните артерии по атлантското крајбрежје постепено се обновува.

Градоначалникот на Њујорк Бил де Блазио ги посоветува жителите на градот, кои сакат да ги исчистат своите возила од снегот, тоа да не го прават во моментов. Целта е да не биде натрупан снег по улиците, во момент кога тие се расчистуваат. Некои од правилата за паркирање во Њујорк нема да важат до петок, со цел луѓето да не бидат принудени да ги преместуваат своите возила.

Десетици илјади корисници се уште се без електрична енергија, но снабдувањето со струја беше обновено во голем број домаќинства.

Аеродромите во Њујорк, Филаделфија и Балтимор постепено денеска ја обновуваат работата. И покрај тоа се откажани 3.458 летови денеска и 699 утре.

Дваесет и три годишна мајка и нејзиниот едногодишен син починале во автомобил од труење со јаглерод моноксид во Њу Џерси. Автомобилот бил со вклучен мотор, но ауспухот бил покриен во снег. Тригодишната ќерка на починатата жена е сместена во болница и е во критична состојба.

Билансот на жртвите, кои починаа како последица на снежната бура достигна 22.