Големо велосипедско дефиле во Скопје

Неколку илјади граѓани, велосипедисти, рекреативци, средношколци, вработени во градската администрација и во јавните градски претпријатија  денес учествуваа во големото велосипедско дефиле што на градските улици се возеше по повод Меѓународниот ден без автомобили и последниот ден од Европската недела на мобилност 2015.

Велосипедистите тргнаа од Порта Македонија, па се движеа по улицата Димитрија Чуповски, десно по булеварот Свети Климент Охридски, потоа лево по булеварот Партизански одреди до кружниот тек кај Порта Влае и назад по булеварот Партизански одреди, па лево по булеварот 8.Септември, потоа десно по булеварот Илинден до целта кај Школката, во Градскиот парк, каде што се одржа музичко-забавен хепенинг.

  • Денеска упатуваме јасна порака за почиста и поздрава животна средина и го промовираме велосипедот како алтернативно транспортно средство. Градот Скопје се заложи до 2017 година да изгради нови и да реконструира постојни велосипедски патеки во должина од 51 километар, со што значително ќе ја подобриме велосипедската инфраструктура во Скопје. До крајот на оваа година очекувам да бидат завршени градежните активности на велосипедските патеки од првата најавена рута. Сакам на сите да ви се заблагодарам за вашето учество во ова големо велосипедско дефиле. Сите што повеќе да користиме велосипед за подобри услови за живот – порача денеска градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, кој го предводеше велосипедското дефиле.

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Стево Темелковски, во своето обраќање до присутните нагласи дека оваа година мотото на манифестацијата низ Европа е Избери. Промени. Комбинирај.

  • Идејата е да се поттикнат луѓето да размислуваат за можните опции на превоз што им стојат на располагање и да ја одберат вистинската опција која ќе им овозможи најсигурен и најпријатен превоз. Кампањата не упатува дека со осмислен начин на превоз можеме да влијаеме на развојот на градот во кој живееме. Треба 365 дена во годината да бираме и комбинираме мудро и да водиме сметка за животната средина – рече Темелковски.

Претставникот на Канцеларијата на Европската унија, Мартин Клауке, додаде дека во оваа позната кампања годинава учествуваат 1.600 града од Европа, како и 14 градови од Република Македонија.

Како дел од музичко-забавниот хепенинг што се одржа кај Школката во Градскиот парк, на најсреќните учесници во велосипедското дефиле им беа доделени вкупно 20 велосипеди, од кои 10 велосипеди обезбеди Градот Скопје, 5 велосипеди обезбеди МЖСПП, а пет велосипеди Цементарницата „Усје“. Дополнително, беа доделени и 10 кациги.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.